Фондот на холокауст на Евреите од Македонија по четврти пат го распиша Конкурсот за краток расказ инспириран од стари фотографии – „Раскажувам фотографија“ 2023, а оттаму истакнуваат дека целта на конкурсот е да се поттикне продукцијата на краткиот расказ како форма што е многу популарна, современа и широко прифатена од читателската публика и која има длабоки корени во сефардската раскажувачка традиција.
„Секој петок, на ФБ страната на Фондот на холокаустот ќе биде објавувана фотографија која ќе биде поврзана со животот на Евреите во Македонија. Фотографијата ќе биде лајтмотив за расказот. Во расказите треба да доминираат случувања од животот на Евреите во Македонија, во минатото. Прифатливи ќе бидат раскази кои можат да придонесат кон подобро разбирање меѓу луѓето, кон искоренување на омразата и разградување на предрасудите, раскази кои допринесуваат соочување со минатото, холокаустот, емпатија, раскази кои ги поместуваат границите и ни отвораат пат да градиме поизвесна, побезбедна и послободна иднина за сите“, велат од Фондот на холокаустот.
Оттаму истакнуваат дека рокот за праќање на делата е до 3 ноември, откако на 27 октомври ќе биде објавена и последната фотографија, а заинтересираните своите раскази треба да ги испратат на електронската адреса info@holocaustfund.org.mk со назнака: За конкурсот „Раскажувам фотографија“.
Конкурсот почнува со објавување на првата фотографија и тема, на 15 септември, на денот кога започнува нова година за Евреите и празникот Рош Хашана, а наградите на добитниците ќе им бидат врачени на 08 декември – на првиот ден од празникот Ханука.
Според пропишаните правила, расказите не треба да бидат подолги од 100 реда, треба да не се објавувани и да не учествувале во претходните конкурси „Раскажувам фотографија“, а во нив треба да има елементи на јудаизмот. Право на учество имаат сите полнолетни лица, веќе афирмирани, но и оние кои досега немаат објавувано, а секој учесник може да учествува на конкурсот со најмногу три раскази.
Расказот кој ќе го освои првото место ќе освои парична награда од 25.000 денари, додека второто и третото место ќе освојат 15.000, односно 10.000 денари.