Во првата половина од годинава банките „тријат раце“, профитот на ниво на банкарскиот сектор е зголемен за фантастични 35,3% во споредба со истиот период лани, пишува Порталб.мк. Од друга страна овој раст на добивката не е засенет од растот на нефункционалните кредити на фирмите и на граѓаните. Само по основ на потрошувачки и на станбени кредити на крајот од август граѓаните должеле 3 200 000 евра.
Фирмите „претпазливо“ се задолжуваат со кредити
За само три месеци, или во вториот квартал од годинава, салдото на нефункционални кредити, и на фирмите и на граѓаните е зголемено за 6,8 милиони евра или за 3,5%. Во вкупните нефункционални кредити доминираат оние на компаниите – уделот на крајот од првиот економски квартал се зголеми до ниво од 65,3%. Зголемувањето на нефункционалните кредити е присутно кај повеќе индустрии како текстилниот сектор, трговијата, градежништвото.
Квартален раст на нефункционални кредити
Текстилна индустрија +145,8%
Трговијата на големо и мало +6,6%
Градежништвото + 5,1%
Хемиската индустрија + 25,7%
„Зголемувањето на нефункционалните кредити е присутно кај повеќето економски дејности, а е најзначајно кај ‘текстилната индустрија’, 3 600 000 евра 145,8%. Високата квартална стапка на раст на нефункционалните кредити кај секторот ‘индустрија’, речиси во целост е определена од нефункционалноста изложеност кон една компанија од текстилната индустрија. Наспроти тоа, намалување на нефункционалните кредити има кај дејноста ‘транспорт и складирање’, услужниот сектор и кај останатата преработувачка индустрија“, се наведува во новата анализа на НБМ за банкарскиот сектор во земјава.
Состојба на нефункционални кредити ( прва половина од 2023)
Стапка на нефункционални кредити 2,9%
Нефункционални кредити на фирми 3,9%
Нефункционални кредити на граѓани 1,9%
Во вториот квартал нефункционалните кредити на претпријатијата се зголемиле за 4,1%. Од друга страна, поради инфлациските притисоци кои влијаат врз економскиот амбиент компаниите воздржано се задолжуваат со нови кредити. Во август, на месечно ниво е забележан пад на кредитите за компаниите за 0,3%.
Потрошувачките и станбените кредити „најпроблематични“ за отплата
Граѓаните најмногу се задолжени по основ на потрошувачки и на станбени кредити – токму и по овој основ е најголемиот раст на нефункционални кредити во апсолутен износ. Новите анализи за банкарските ризици покажуваат дека во вториот квартал од годинава нефункционалните кредити на домаќинствата се зголемиле за 3,1% или за нови 2 061 000 евра.
Квартално зголемување на нефункционални кредити
Компании + 6 800 000 евра
Домаќинства +2 061 000 евра
Најголем процентуален раст на квартално ниво има кај нефункционалните кредити за купување на стан и деловен простор за 7.5%.
Квартално зголемување на нефункционални кредити
Потрошувачки кредити +3,3%
Негативни салда на платежни сметки +3,8%
Купување стан и деловен простор +7,5%
Показателите за ликвидност на банкарскиот сектор се на задоволително ниво, солвентноста бележи подобрување, кредитното портфолио го задржа квалитетот – оценува Народната банка. Во вториот квартал од годинава во споредба со истиот период лани добивката на банките е зголемена за дури 35,3%.
„Зголемената добивка најмногу произлегува од растот на нето каматните приходи, а извесен придонес имаше и зголемувањето на нето-приходите од провизии“, се нотира во извештајот.
Со серијата на потези на НБМ за затегнување на монетарната политика банките изминатиот период освен што ги зголемија каматите за кредитите ги поскапеа и провизиите. Според најновите податоци на крајот на август вкупната кредитна изложеност изнесува 7 056 000 000 евра со годишна стапка на раст од 6,4%. Само по основ на потрошувачки кредити граѓаните должат скоро 1 900 000 евра а за станбени кредити 1 307 000 евра.
На ниво на целиот банкарски сектор нефункционалните кредити се на ниво од 2,9% .