Х, социјалната мрежа која беше позната како Твитер, започна да наплаќа по 1 американски долар за секој нов корисник во Нов Зеланд и Филипини, во потег кој според сопственикот Елон Маск е насочен кон справување со ботовите.
Овој нов план на претплата првично беше најавен од Фортјун, и ќе чини 1 долар за да се пристапи до главните функции на платформата, како твитање, реплицирање, ретвитање и ставање лајкови.
По објавата од медиумот, Х откри повеќе детали за промената.
„Од 17 октомври започнавме со тестирање на „Не е бот“ – нов метод на претплата за нови корисници во две држави. Овој нов тест е развиен за да ги засили веќе постоечките напори за намалување на спамот, манипулациите на нашата платформа и ботовските активности“, велат од Х.
„Ова ќе биде евалуација на потенцијално силните мерки за справување со ботовите и спамерите на Х, додека го балансираме пристапот на платформата преку мал паричен износ. За време на тестирањето, постоечките корисници нема да бидат опфатени со оваа промена“, додаваат од социјалната мрежа.
Новите профили направени во Нов Зеланд и Филипини прво ќе треба да го верифицираат својот телефонски број, а потоа да платат и еден долар годишна претплата за пристап до услугите.
„Новите корисници кои нема да се претплатат ќе можат само да читаат објави, да гледаат видеа и да заследуваат профили“, појаснуваат од Х.
Маск првично ја најави оваа промена за сите корисници минатиот месец, но сепак овој нов план е лимитиран само за нови корисници. Логиката, според него, е дека ботовите чинат многу малку пари за да се направат, додека претплатата би можела да ги одврати креаторите на ботовите од оваа нивна намера.
Откога Маск воведе претплатнички систем наречен Х премиум, тоа не ги спречи измамниците да користат профили со син беџ и да продолжат да таргетираат корисници на платформата.
Новиот потег да наплаќа на нови корисници доаѓа во период кога Маск се обидува да воведе алтернативни начини за остварување приходи и рекламирање, додека најавува дека Х ќе се претвори во апликација за се`, меѓу другото и за платежни услуги.