„Чуварите на формулата“ на Драган Бјелогрлиќ ја доби главната награда за најдобар филм на осмото издание на Меѓународниот филмски фестивал „Киненова“.
Во главната селекција беа прикажани осум филмови за кои жирито одлучуваше за најдобра режија, најдобро сценарио и најдобар филм.
„Прво морам да кажам дека дојдов овде за да ви го покажам мојот филм и воопшто не знаев дека ќе добијам награда. Дознав пет минути пред почетокот на свеченоста. Ви благодарам, ова е големо изненадување за мене и голема чест. Пред некој ден ми беше роденден и влегов во седмата деценија, а оваа награда ќе ја сметам како добар почеток на седмата деценија, рече Бјелогрлиќ.
Филмот е направен по мотиви од книгата „Случајот Винча“ на Горан Милашиновиќ. Дејството е сместено во 1958 година и го обработува инцидентот во Нуклеарниот институт во Винча во Србија, кога група научници биле озрачени поради истекување на радиоактивен материјал од реакторот.
Бјелогрлиќ вели дека доста истражувал за овој настан.
„Знаев дека навистина се случило тоа во Винча, дека некои луѓе биле озрачени и дека во Франција некои луѓе им помогнале. Но, не знаев дека работеле на таен проект за атомска бомба, за тоа не се говореше тогаш, а ниту денеска не се говори. Премиерата на филмот во Белград ќе се случи за некој ден и чекам да почнат да ме обвинуваат дека никогаш не правеле атомска бомба, дека пак нешто измислувам. Искрено мене не ми беше провокација таа бомба, туку како формулата на смртта станува формула на животот. Целиот тој настан, зад железната завеса, кога оние од Запад не им веруваа на оние од Исток, и оние од Исток не им веруваа на оние од Запад, а ние во Југославија бевме некаде помеѓу, но бевме повеќе на Исток, а луѓето кои работеле на проект кој претставува вооружување што сее смрт, сега се соочуваат со нешто што е живот“, рече режисерот на наградениот филм.
Наградата за најдобро сценарио и најдобра режија ѝ припаднаа на украинската режисерка Марина Ер Горбах за филмот „Клондајк“. Во образложението, жирито го потенцираше уникатниот длабок опис на војната што го силува животот на едно семејство и неретко потсетува на грчка трагедија.
„Се надевам дека филмот ги допре срцата на гледачите. Последнава година патувавме и филмот е прикажан во повеќе различни држави и го кревавме украинското знаме против руската агресија. Но, сега сакам да го кренам моето лично знаме за децата во воените зони и за цивилите секаде низ светот. Немам поинаков начин освен овој, да ги испраќам моите пораки преку филмовите. За да ја сопрам војната, мојот крик е да продолжам да создавам, бидејќи според мене оваа војна е меѓу луѓе кои сакаат да уништуваат и луѓе кои сакаат да создаваат. Затоа ги повикувам сите кои се талентирани и кои создаваат уметност да се трудат повеќе, за очите на јавноста да бидат вперени во уметноста и да се занимаваме со неа наместо со војни“, рече Ер Горбах во своето видео обраќање.
Специјално признание во оваа селекција доби шпанскиот филм „20.000 вида пчели“ на режисерката Естибалиц Уресола.
Наградата за најдобар филм, во категоријата кратки филмови, ја доби францускиот филм „Ако не е можно денес, можеби ќе биде утре“ на режисерскиот двоец Антоан Перез и Жулиен Сено.
Специјално признание од селектираните кратки филмови доби филмот „Ти ветив рај“ на Морад Мостафа од Египет. Жирито ги истакна прекрасните кадри и моќната приказна што поттикнува на размислување.
Осмото издание на МФФ Киненова сподели приказни на бројни филмски автори, а меѓународното жири во состав: Лех Мајевски, режисер, сценарист, кинематографер, мултимедијален уметник од Полска, Дебора Ван Дам, сценаристка и режисерка од Холандија и Дејан Дуковски, драмски писател од Македонија одлучија кои од нив ќе бидат наградени.