Овојпат во рубриката #РаскажиМи го читаме краткиот расказ „Како барбика стана бог од антика и излечи депресија“ од Маша Блажева.
Расказот беше напишан од Маша на работилницата за креативно пишување за млади – „кЛИК, сЛИК – сподели кирилица“, инспириран од цртежот „Антички мозаик од среќна барбика“ на учесничката Анастасија Василева. Цртежот на Анастасија е генериран со помош на вештачка интелигенција, преку употреба на кирилски формули.
Цртежите на книжевните ликови генерирани со вештачката интелигенција и расказите напишани за нив од страна на учесничките, се собрани во големата книга „FEMZINE“ изработена од уметникот Јован Јосифовски.
Како барбика стана бог од антика и излечи депресија
Кога Барби се качи на експресниот автобус, очекуваше тој да ја остави пред некоја голема модерна зграда, луксузен бутик, или вселенска станица. Одамна не била во вселената, а многу се забавуваше минатиот пат. Но не, единствената станица на која автобусот застана, а потоа и остана, беше пред голем храм со огромни раскошни столбови. Барби се симна од автобусот, притоа приметувајќи нова облека на себе. Носеше лесна туника со кожно ремче на кое имаше прицврстено мала кожна торбичка.
Влезе во храмот, кој беше потполно празен. Немаше никаков знак кој би посочил за кого е изграден. Во тој момент, Барби слушна извици од другата страна. Полека, но сигурно, чекореше по камениот под, сѐ додека не дојде до големите скалила на влезот.
На прагот на скалилата беше собрана толпа луѓе во секакви состојби на немир: мажи со веѓи збрчкани од лутина, деца со солзи по образите, жени со меланхолични погледи… Имаше луѓе кои мумлаа, викаа, плачеа, луѓе со далечни, нефокусирани погледи.
Барби ја гледаше ужасната глетка пред себе помалку од минута, пред да разбере зошто токму тука ја остави автобусот. Се исправи и со јасен и гласен извик го привлече вниманието на стотиците робови, селани и аристократи пред неа. Зборовите течеа сами од себе.
„Драги луѓе, не се губете во своите глави. Доволно беше самотија. Погледнете околу себе, во сите ваши блиски. Делете ја вашата среќа со нив и уживајте и во најмалите моменти. Пуштете ги непосакуваните мисли да одлетаат. Насмевнете се!“
Ни момент откако заврши со својот говор, Барби им ја покажа нејзината најсјајна насмевка. Забите ѝ беа бели и прави, како бисери. Усните, меки и совршено розови, светликави од сјајот за усни кој го имаше нанесено. Нејзиниот поглед не беше упатен кон никој посебно, но сите ја чувствуваа неговата тежина врз нив. Малите златни обетки блескаа на сонцето.
Беше огромно задоволство да се видат сите тие беспомошни лица како полека блеснуваат и се шират во насмевки како нејзината.
Луѓето навиваа, викаа, пееја и се веселеа. Ноќта ја поминаа пред храмот, во добро расположение, со храна и вино. Ја нудеа Барби со сочно овошје, миризливи чорби, печено свинско… А таа стоеше на врвот од скалилата и со насмевка им наздравуваше на сите кои ќе дојдеа да ѝ ги остават своите дарови.
Утрото, кога толпата се повлече и секој се врати во својот дом, насмевнати и под рака фатени со своите семејства и пријатели, Барби влезе назад во храмот кој одеднаш блесна со позлатени мозаици и мермерни скулптури од нејзиниот лик. На подот имаше голем мозаик од нејзината насмевка.
На патот кон дома во малиот розов автобус и нејзините омилени лилави фармерки, Барби со гордост го носеше златниот ловоров венец на нејзината глава.
Петочната рубрика #РаскажиМи го промовира македонскиот јазик и современата фикција преку домашни и странски автори кои пишуваат или се преведени на мајчин јазик.
Заинтересираните за објавување на свој расказ во рубриката #РаскажиМи свои дела може да пратат на info@radiomof.mk, со куса биографија.