Тетовската полиција откри работилница за изработување и дистрибуција на фалсификувани дипломи и уверенија од Државниот универзитет во Тетово, наменети за лица од Италија, пренесува МИА.
Полицијата поднесе кривична пријава против 30-годишниот М.О. од тетовско Селце поради основи на сомнение дека сторил кривично дело „фалсификување исправа“. М.О. е приведен на граничниот премин Јажинце, а вчера со соодветна пријава бил изведен пред истражен судија на Основниот суд Тетово, кој му определил мерка притвор во траење од 30 дена.
Пријавениот, како што информира денеска МВР, се сомничи дека фалсификувал повеќе уверенија и дипломи од Факултетот за медицински науки на име на лица-странски државјани и по нивно преведување кај овластен преведувач, ги заверувал на нотар и им ги дистрибуирал на лицата од Италија. На тој начин, осомничениот успеал да завери шест уверенија, додека 16 други не биле заверени бидејќи нотарот се посомневал во нивната веродостојност.
Во претресот извршен со соодветна судска наредба во куќата на М.О. во тетовско Селце, пронајдени и одземени биле една диплома за завршени медицински науки на Државниот тетовски факултет на име на италијански државјанин, две уверенија за завршен Медицински факултет за исто толку лица од Италија, две уверенија за завршен стручен испит пред Испитна комисија за стоматологија во Скопје, четири фотографии на лица од Италија, седум други документи во фотокопии на италијански државјани наменети за Хрватска и две тетратки со списоци со имиња на потенцијални, идни корисници на неговите фалсификаторски услуги. Се што е пронајдено во претресот е фотодокументирано, одземено и ќе се вештачи, а за лицата ќе бидат известени и италијанските власти.