Агенцијата на Обединетите нации за палестинските бегалци (УНРВА) и Светската здравствена организација (СЗО) повикаа на непречен проток на помош во Газа, пренесува Радио Слободна Европа.
„Повикуваме на непречен и континуиран проток на хуманитарна и медицинска помош во Појасот Газа“, рече Тамара Алрифаи, портпаролка на УНРВА.
Од агенцијата соопштија дека горивото кое не стигна во Газа заедно со хуманитарната помош било од клучно значење.
„Без гориво, генераторите не можат да произведуваат електрична енергија за болниците, пекарите и постројките за десалинизација на водата“, рече Алрифаи.
Испораката на помош за Газа преку преминот Рафах од Египет започна во саботата по интензивни дипломатски напори, но агенцијата на ОН соопшти дека таа не е доволна за да се задоволат потребите на 2.3 милиони жители.
СЗО соопшти дека лекови и медицинска опрема биле доставени до три клучни болници во јужна Газа, но дека допрва треба да стигнат до северот на палестинската енклава, едно од најгусто населените места во светот.
Регионалниот директор на СЗО за итни случаи за регионот на Источниот Медитеран, Рик Бренан, рече дека една третина од болниците во Појасот Газа сега се нефункционални во време кога медицинскиот товар е огромен.
„Апелираме до сите оние кои се во позиција да донесат одлука или да влијаат врз донесувачите на одлуки да ни дадат хуманитарен простор за решавање на оваа човечка катастрофа“, рече Бренан.