Младите би се вклучиле во зелени настани, но имаат недоверба во локалните институции, покажа истражување на Гоу Грин

70% од младите во С. Македонија сакаат да бидат вклучени во зелени настани, но речиси 60% не комуницираат со локалната самоуправа, покажува новото истражување на Здружението Гоу Грин Скопје за учеството на младите во зелени политики на локално ниво.

Истражувањето било спроведено во сите 8 плански региони во август и септември 2023 година, и биле опфатени 401 млади лица на возраст од 15 до 29 години.

„Живееме во ера на климатска криза каде е потребна итна акција и соработка со сите чинители во едно општество. Тргнувајќи од тоа дека младите се иднината, односно дека тоа што го вложуваме во нив денес ќе се одрази во блиска иднина, клучно е нивното учество во креирање и спроведување на зелени политики на локално ниво, или политики за климатските промени и унапредување на животната средина. При недостиг на податоци за младинското учество во зелени политики на локално ниво го спроведовме ова истражување кое има за цел да ја разоткрие оваа сложена динамика, барајќи да ги разбере мотивот, бариерите и можностите кои го обликуваат учеството на младите во зелените политики на локално ниво во Северна Македонија“, велат од Гоу Грин Скопје.

Дел од наодите во истражувањето се следниве:

Заклучоци:

  • Повеќе од половина не се запознаени со надлежностите за животна средина и климатски промени на локалната самоуправа;
  • Најголем дел (58%) од младите не комуницираат со локалната самоуправа, а оние кои го прават тоа (30%) најчесто е преку личен контакт (26%) ;
  • Отсуствува комуникација помеѓу ЛС и младите за зелени теми и на начин кој им е близок на младите (youth friendly);
  • Постои недоверба во локалните институции;
  • Младите се најзаинтересирани за теми поврзани со транспорт (18%), урбанизам (18%) и отпад (15%).
  • Младите не знаат како може да учествуваат во локални настани;
  • Младите би сакале да учестуваат најмногу на едукативни работилници и волонтерски активности;
  • Во однос на нивно учество во зелени настани, политики на локално ниво:
    • мотивација: лично искуство (24%) и дружба со истомисленици (21%)
    • фактор за поттик: достапност и материјални придобивки 27%)
    • пречки: ограничен пристап до информации и соработка со општината (26%)
  • Голема група на млади (70%) би биле дел од зелени настани и би се вклучиле во политики доколку се навремено информирани и суштински вклучени;
  • Младите имаат слабо познавање за зелените политики и постоечките документи поврзани со животна средина и климатски промени на локално ниво;
  • Младите не се запознаени со сервисите за млади на локално ниво кои произлегуваат од Законот за младинско учество и младински политики.
  • Младите не се доволно запознаени со Зелената агенда. (60%)

Препораки до централна власт:

  • Агенцијата за млади и спорт да ги земе предвид податоците од ова истражување при спроведувањето на Акцискиот план за Националната младинска стратегија;
  • Да се зајакне видливоста на Законот за младинско учество за тоа како може младите да придонесат и да бидат вклучени на локално и национално ниво;
  • Да се зголемат едукацијата, активностите и младинското учество за Зелената Агенда и Зелениот Договор на ЕУ.

Препораки до локални самоуправи:

  • Да се зајакне соработката со млади на теми поврзани со климатските промени и животна средина, особено за оние теми кои се дефинирани како приоритетни во рамки на ова истражување;
  • Да се зголемат активностите за информирање за надлежностите на локалните самоуправи во рамки на животна средина и климатски промени преку организација на настани и активности кои се од интерес за младите на овие теми;
  • Да се направи план за комуникација со млади, да започнат со канали на комуникација поблиски до младите и промоција на зелени проекти и активности;
  • Да ги зголемат и подобрат активностите поврзани со животна средина и климатски промени на кои се поканети младите, односно да се зголеми бројот на суштински активности во кои се бара младинското мислење и акција на овие теми, наместо само пасивно учество;
  • Да се зголемат едукацијата, активностите и младинското учество за Зелената Агенда и Зелениот Договор на ЕУ;
  • Младинските совети да вклучат активности за промоција на овие теми во нивниот акциски план и да ја зајакнат соработката со секторите за животна средина и урбанизам.
  • Младинските совети и службениците за млади да се вмрежуваат и да ја промовираат нивната работа и надлежност помеѓу младите.

„Веруваме дека следеjќи ги овие податоци и препораки, jавните институции на централно и локално ниво, формите на младинско организирање и младите можат да работат заеднички за надминување на предизвиците на младинското учество, недовербата во институциите и ниското граѓански активизам. Заедно, тие можат да jа искористат енергиjата и идеите на младите граѓани за креирање и спроведување ефективни зелени политики на локално ниво, градеjќи одржливи и зелени општини“, вели Мила Јовановска, претседателка на Гоу Грин Скопје.

Целосното истражување може да го погледнете на следниот ЛИНК.