Иницијативата „Борба за Влае“ најавува протестен собир утре (29 октомври) од 11 до 13 часот на Плоштадот „Делфина“ во населбата Влае на кој ќе го покажат незадоволството од постапката за носење нов Детален урбанистички план.
Според нив Општината Карпош се обидува на државно земјиште да протурка ДУП со џиновска зграда и неколку помали згради.
„Влае порано беше позната по широките зеленила, секоја улица имаше лулашки и кошеви за неа, улици по кои деца си играа и возрасни се дружеа. Денес во Влае децата не можат безбедно до училиште да одат, тревници за игра има се помалку, а нови згради никнуваат цело време. А Општина Карпош нѐ убедува дека со зграда од 12 спрата до основното училиште ќе имаме помалку сообраќаен метеж, па и зеленилото ако стане паркинг ќе има место за сегашните и сите нови коли од зградата. Дека со помалку зеленило и повеќе згради ќе ни биде поубаво на сите“, стои во најавата за собирот.
Од „Борба за Влае“ велат дека ланскиот отпор се покажал ефективен, бидејќи поради отпорот на граѓаните биле избришани станбени објекти од повеќе локации кои се наоѓаа на државно земјиште.
„Сега е време да покажеме дека мораат да ги избришат и останатите за овој ДУП да биде добар за влаевчаните. Со тоа тој лесно може да биде изгласан и Влае конечно да може да се развива во насоката на која сакаат жителите, а не инвеститорите од урбаната мафија“, велат од иницијативата.
Од „Борба за Влае“ информираат дека на собирот граѓаните ќе можат да земат анкетни листови кои во понеделник ќе можат да ги поднесат во Општина Карпош.