Утре (30 октомври) од 20 часот во Музејот на македонската борба ќе се одржи концерт на пијанистката Јасмина Трајческа во рамки на Фестивалот на музичките уметници на Македонија „Златна Лира 2023“.
„Повеќе од две децении присуство на музичката сцена и богатото уметничко портфолио ја сместуваат пијанистката Јасмина Трајческа во редот на најактивните изведувачи кај нас. И оваа вечер на фестивалот „Златна лира“, Трајческа со впечатлив, внимателно избран и несекојдневен репертоар за пијано, изведувајќи дела на Б. Бојовиќ, Ј. Матичич и Џ. Гершвин“, стои во најавата за концертот.
Јасмина Трајческа додипломски и постдипломски студии завршува на ФМУ, Скопје во (класа на проф. Валери Стефановски). Учесничка е на бројни мастеркласи кај еминентни професори: М. Келер, К. Богино, С. Богино, В. Огарков, А. Диев. Добитничка е на бројни награди на меѓународни и на интернационални натпревари, меѓу кои се издвојуваат: Internatonal piano competiton Giovani talenti Rovere Doro – Сан Бартоломео ал маре, Италија; DINO CIANI Вербаниа Интра, Милано, Италија; JUPITER – Џенова, Италија; Internatonal competition Interfest – Битола, Македонија; Втор меѓународен конкурс „Димитар Ненов“, Разград, Бугарија; Државниот натпревар по пијано во Скопје, Македонија итн.
Реализира концерт на ЈАМУ, во Брно, Р. Чешка, концерт во Љубљана во концертната сала на Глазбена матица на Словенија, и е дел концертот „Балканска синтеза“ на покана на фестивалот ИМАГО СЛОВЕНИЈАЕ во Љубљана, проект поддржан од Град Прилеп и Амбасадата на Република Словенија во Скопје, како и од јубилејниот концерт„Балканска рапсодија“ во Битола и Гевгелија, проектот „Словенски воз“ за соло пијано во Гевгелија, а реализира и бројни солистички концерти поддржани од Министерството за култура на Македонија во градовите Прилеп, Гевгелија, Охрид, Тетово, Куманово и Скопје. Работи како професор по пијано во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“ во Скопје.
Влезот на концертот е слободен.