Оркестарот на Македонска филхармонија овој четврток, со почеток во 20 часот ќе го изведе концертот насловен „Извор“ посветен на 60 години Музичка младина на Македонија.
Диригент е Борјан Цанев, а како солисти ќе настапат младите инструменталисти Магдалена Дрмач – виолончело, Леонардо Димоски – виолина и Гоце Златев – пијано.
На програмата се „Водич низ оркестарот за млади“ од Бенџамин Бритн, Симфониски варијации за виолончело и оркестар од Леон Боелман, Капричо-Етида во форма на валс од Сен Санс и „Рапсодија на тема од Паганини“ од Сергеј Рахмањинов.
Бенџамин Бритн е англиски композитор, диригент, виолист и пијанист. Се смета за еден од најзначајните британски композитори, по Хенри Персл. Едно од најпознатите дела на Бритн е „Водич низ оркестарот за млади“, во кое на интересен и оригинален начин ги прикажува инструментите и инструменталните групи во оркестарот. Делото е создадено како музичка подлога за детскиот едукативен документарен филм „Инструменти во оркестарот“. Бритн замислил два начина на изведба на оваа композиција: во едната верзија постои наратор (може да биде и диригентот), кој меѓу варијациите ги најавува инструментите и кажува збор-два за нив, а во втората верзија, која почесто се изведува, композициите се свират без наратор.
Леон Боелман е француски оргулист и композитор од ерата на романтизмот, кој напишал повеќе од 160 дела за време на својот краток живот (починал на 35 години). Студирал музика на École de Musique Religieuse et Classique, истото школо каде што учел и Габриел Форе. Најпознати дела на Боелман се „Готска суита“ и Симфониски варијации за виолончело и оркестар. По оргулите, виолончелото му бил втор омилен инструмент на Боелман. Симфониските варијации за виолончело и оркестар напишани во 1892 година, иако се кратки и траат само 11 минути, богати се со лиризам и контраст, а од изведувачот бараат виртуозност и деликатна интерпретација.
Камиј Сен-Санс е француски оргулист, диригент и композитор. Започнал да стекнува популарност уште како дете на 11 години, бидејќи со леснотија свирел комплексни пијанистички дела, кои не биле едноставни ниту за етаблираните пијанисти. Напишал многу композиции во различни музички форми, но најомилена му била симфониската поема. Напишал 12 опери, меѓу „Самсон и Далила“, една од најизведуваните на светските оперски сцени. Оригинално напишана како Етида за пијано, Капричо – Етида во форма на Валс, опус 52, број 6, била транскрибирана и аранжирана за виолина и пијано од големиот виолинист Ежен Исаи. Како што сугерира продолжениот наслов, делото е напишано во тричетвртински такт и претставува композиција во која солистот ги презентира своите изведувачки капацитети. Ова дело му дава неограничена можност на солистот да ги покаже своите музички и технички вештини.
Еден од најголемите руски композитори Сергеј Рахмањинов (1873 – 1943), се смета и за најголем пијанист на целиот 20 век, бидејќи поседувал истакнато чувство за ритам и легендарни технички можности. На пример, неговите долги прсти покривале 13 интервали на клавијатурата. Затоа и неговите дела за пијано играат голема улога во класичната музика, со оглед на огромната посветеност на Рахмањинов да ја развие пијанистичката техника на повисоко ниво. Создал четири клавирски концерти, но и три симфонии, три опери, клавирски сонати, 24 прелудиуми, хорски дела… Во периодот помеѓу двете војни, Рахмањинов напишал мал број дела, и најзначајнa од тој период е токму Рапсодијата на тема на Паганини. Всушност, соемиграцијата во САД (Рахмањинов ја напуштил Русија засекогаш, како и многу другируски уметници), тој ќе стане сè помеланхоличен, свесен дека нема да се врати во својатататковина, и биографите го опишуваат како најтажниот човек што некогаш го познавале. Тоа се чувствува и во Рапсодијата што ја напишал во Швајцарија (1934). Рапсодијата поседува интегрирана структура, а најпопуларна е 18-тата бавна варијација втемелена на инверзија на мелодијата на темата на Паганини, којашто е користена и во неколку филмски остварувања, меѓу кои и во „Ронин“, „Сабрина“ или „Somewhere in Time“…
Леонардо Димоски е роден 2004 година, во Битола. Музичкото образование го започнува на 6-годишна возраст во Прилеп, во ООМУ „Ордан Михајлоски Оцка“, во класата на проф. Оливера Гемту и ментор проф. Ванчо Стоилков. Oд јануари 2017 година работи под менторство на м-р проф. Сихана Бадивуку. Во 2023 започнува да студира во Виена со проф. Павел Верников и проф. Кристина Шуклар. Учесник и добитник е на бројни награди на државни и меѓународни натпревари. Учествувал на „Виолин фест“ – Скопје, во 2016, 2017, 2018, 2019 и 2023 год. Настапувал во Македонија, Австрија, Србија, Италија… Учесник е на Третата меѓународна конференција „Образование преку граници“ – Битола и на новогодишните хуманитарни концерти на Педагошкиот факултет во Битола. Посетувал семинар по виолина кај доц. м-р Михаило Куфојанакис, проф. Пол Рочек (Австрија), Теди Папаврами (Швајцарија), м-р Владимир Марковиќ (Србија), проф. Рони Шпигел (Швајцарија), проф. Кирил Трусов (Германија), проф. Дмитри Берлински (Русија), проф. Ана Морголетс (Русија), проф. Павел Верников (Украина), проф. Светлана Макарова (Русија).
Магдалена Дрмач е родена 2006 година. На осумгодишна возраст почнува да свири виолончело во Основното музичко училиште – ДМБУЦ „Илија Николовски Луј“ – Скопје, во класата на професорката Александра Јаневска. Во периодот од 2015 до 2023 година учествува на многу натпревари каде што освојува многу први награди. Повеќето од нив се со меѓународен, државен и регионален карактер. Натпреварите се одржале во Република Македонија, Србија, Бугарија, Хрватска, Русија и САД. Во 2021 година е лауреат на фестивалот „Отворена Европа“ во Москва. Истата година настапува со Македонската филхармонија, а во 2022 година повторно е избрана и настапува со Македонската филхармонија. Во 2022 година ѝ е доделена наградата за најдобар ученик на гудачкиот оддел во ДМБУЦ „Илија Николовски Луј“. Магдалена е лауреат на фестивалот „Полихимнија“ во 2023 година. Настапува и во Рим, Италија како дел од државната делегација во чест на празникот Св. Кирил и Методиј. Присуствува на многу мастерчасови со врвни професори како: Стефан Попов (Обединето Кралство); Гал Фаганел (Словенија); Вида Вујиќ (Австрија); Ерих Оскар Хутер (Австрија); Атанас Крастев (Бугарија); Милутин Младеновиќ (Србија); Александар Кузмановски (Словенија); Милитијадис Касарос (Грција). Била дел од Камерниот оркестар на МММ „Саша Николовски-Ѓумар“ и „Нонет +“, „Ајга“, како и од проектот „Musica un Ponte tra i Popoli“ во Форли, Италија, 2022 година. Магдалена е водечки челист во симфонискиот и камерниот училиштен оркестар.
Гоце Златев е роден 2006 година. Основното музичко образование го започнува во Штип на осумгодишна возраст во класата на проф. Гоце Костадинов, а од 2017 година учи во Скопје во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ во класата на проф. д-р Славица Мицовска- Смилевска. Сега е ученик во четврта година – Инструментален отсек – пијано специјал. Во текот на своето музичко образование учествува на повеќе државни и меѓународни натпревари и добитник е на многу награди, меѓу кои прво место во Словенија; награда „Најголем виртуоз“ во Бугарија; второ место на натпреварот „Шопен“ во Малезија и др. Настапувал со оркестарот „Видин Симфониета“, под диригентство на маестро Петер Димитров во Софија, Бугарија; во 2019 година настапува на два концерта во Париз, Франција; во 2021 и во 2022 година настапува со Македонска филхармонија, под диригентство на Сашо Татарчевски и Дијана Илковска-Имери. Во 2019 година на 13- годишна возраст го одржува првиот солистички рецитал во Скопје, по кој следат девет солистички рецитали од кои три во Скопје, Штип, Велес, Битола, Струмица, Гевгелија и рецитал во Рим. Во текот на школувањето, својата наобразба ја надоградува во соработка со еминентни професори: М. Ѓошевска, С. Трпчески, Ж. Захариева (Бугарија), С. Гаџиев (Словенија, Италија), Шантал Стилиани (Франција), Туту Ајдиноглу, Бертран Жиро (Франција) и други.
Борјан Цанев дипломира на Факултетот за музичка уметност во Скопје, а магистрира на Државната музичка академија во Софија, Бугарија. Од 1999 година е редовен диригент на Македонската филхармонија, а во 2001 година специјализира на Кралскиот музички колеџ во Лондон, Велика Британија. Посетува мајсторски курсeви и пракса кај диригентите сер Сајмон Ратл, Даниеле Гати и Јанош Фурст, а подоцна му асистира на сер Колин Дејвис во Моцартовата опера „Дон Џовани“ во продукција на Кралската оперска школа. Добитник е на наградата „Аугуст Ман“, за најдобар диригент на Кралскиот музички колеџ, а настапува и со Лондонскиот симфониски оркестар во рамките на мајсторскиот курс на Сер Колин Дејвис. Од 1999 година до денес, Цанев остварува бројни концерти со Камерниот оркестар на Македонската филхармонија во Македонија и странство (Рим, Париз, Истанбул, Прага, турнеја во Полска и др.). Во меѓувреме е и главен диригент на камерниот оркестар „Скопски солисти“. Неговото успешно деби со Софиската филхармонија во 2004 година му носи низа концерти со најреномираниот бугарски симфониски оркестар, а од 2006 година е назначен за редовен гостин-диригент на овој оркестар. Диригира и со ансамблот на Македонската опера и балет, каде ја поставува премиерата на Моцартовата опера „Волшебната флејта“. Покрај овие ансамбли, Цанев настапува и со други симфониски и камерни оркестри меѓу кои: симфонискиот оркестар „Станислав Бинички“ – Белград, „Симфониета“ – Софија, „Синфониета“ при Кралскиот музички колеџ – Лондон, Симфонискиот оркестар при ДМА „Панчо Владигеров“ – Софија, Симфонискиот орекестар при ФМУ – Скопје, Камерниот оркестар на Музичка младина на Македонија, ансамблот за современа музика „Алеа“, Задарскиот камерен оркестар и др. Учествува на голем број реномирани фестивали во земјава и во странство, соработувајќи со реномирани солисти како Дејвид Герет, Јоханес Мозер, Иља Гринголтс, Раби Абу Калил, Моника Лесковар, Гзавие Филипс, Кристиан Фрон, Питер Лукаш-Граф, Бранимир Слокар, Серџо Тиемпо, Благој Нацоски, Ана Дурловски, Ана и Олег Кондратенко и др.
Борјан Цанев има остварено гостувања во Англија, Италија, Франција, Хрватска, Србија, Бугарија, Турција, Чешка, Полска, а воедно има направено и трајни снимки за Македонската радио-телевизија, Бугарското национално радио и „F.A.M.E'S – Macedonia“.