Инди-рок составот „Lelee“ од Љубљана и скопското трио „My Tear“ во четврток (2 ноември) ќе одржат концерт во „Порта џез“ во Битола.
„Уникатниот бленд на балканско ДНК црпено од Битола, преку Белград, до Љубљана ги прави ‘Lelee’ еден од највозбудливите инди-рок акти во регионот. Со нивниот поп-шарм и балкански мелос проткаен низ цврстата ‘направи сам’ музичка етика, ‘Lelee’ се една од највпечатливите музички појави во изминативе години, а во четврток за првпат ќе имаат концерт во Битола. Вечерта ќе им се придружи култното скопско трио My Tear. Со нивните силни њувејви синт матрици надополнети со неверојатно енергичниот сценски настап, овие ветерани на македонската независна сцена ќе ни приредат атак на сите сетила како што само тие умеат“, се вели во најавата.
Организатор на концертот е битолската независна културна иницијатива „Ponder“. Влезница за настанот е 150 денари.