Велика Британија, САД, ЕУ, Австралија и Кина се согласија дека е потребна заедничка, меѓународна борба за безбедноста на вештачката интелигенција, преку потпишување на првата меѓународна Декларација која се бави со брзорастечката технологија.
Дваесет и осум влади ја потпишаа таканаречената Блечли Декларација на првиот ден од Самиот за безбедноста на вештачката интелигенција, организиран од страна на британската Влада. Земјите учеснички се согласија дека заедно ќе ја истражуваат безбедноста на вештачката интелигенција, во време кога Велика Британија и САД се натпреваруваат за лидерското место во поставување на меѓународни регулативи.
Британскиот премиер Риши Сунак изјави дека во блиската иднина на новите генерации, нема да има нешто потрансформативно од вештачката интелигенција.
„Им должиме на нив да ја развиваме вештачката интелегенција на безбеден и одговорен начин, искоренувајќи ги опасностите уште на почетокот“, посочи Сунак.
Граничната вештачка интелигенција се однесува на најсовремените системи, за кои некои експерти веруваат дека можат да понудат попаметни решенија од луѓе во некои одредени задачи.
Потписнички на декларацијата се и Кина и Јужна Кореја. Јужна Кореја се согласи да биде домаќин на следниот Самит за вештачка интелигенција за шест месеци, додека Франција ќе биде домаќин на ист Самит за една година.
Засега, постои мал меѓународен договор за користење на вештачката интелигенција, а на почеток се и изготвувањата на глобални мерки.
На Самитот во Британија САД откри дека развива посебен американски Институт за безбедност на вештачката интелигенција, кој би претставувал „неутрална трета страна за развивање на стандарди“.
Претходно неделава, администрацијата на Бајден објави извршна наредба со која се бара од американските компании за вештачка интелигенција, како што се OpenAI и Google, да ги споделат резултатите од нивните безбедносни тестови со владата.
ЕУ е во процес на донесување Нацрт-закон за вештачка интелигенција, кој има за цел да развие збир на принципи за регулација, како и да донесе правила за специфични технологии како што е препознавање на лицето на луѓето во јавните простори.