Библиотеката „Кочо Рацин“ – Тетово од денес започнува со преселување во новите простории, односно во предавалните на Факултетот за музичка уметност при Државниот универзитет во Тетово.
Оттаму вчера ги известија своите членови за процесот и ги замолија да ги вратат позајмените книги.
„Ве молиме сите кои имате зајмено библиотечен материјал а рокот на зајмување ви е во период од 06.11.2023 до 15.11.2023, книгите да ги вратите во Библиотеката или да го продолжите рокот на зајмување. Продолжување на рокот за зајмување можете да го направите преку апликацијата Мојата библиотека / mCOBISS или да се јавите на тел. 044-350-039“, соопштија од Библиотеката.
Тетовската библиотека располага со фонд од преку 80.000 наслови, а како што велат оттаму, регистрирани се над 5.000 редовни читатели.
Вработените и директорката на библиотеката ја сметаа за спорна одлуката за преселба од постојните простории во училници кои според нив покрај што не се доволно големи, не ги исполнуваат потребните услови за чување книги.
„Има и закон за состојбата на книгата, во каква просторија треба да биде, кои степени, каква температура, влажноста и така натаму“, посочија оттаму за Радио МОФ во септември.
Тие првично се противеа на одлуката на Владата да ги напуштат просториите со цел да се отстапат на Делегацијата на Европската Унија за формирање на Европска куќа. Во септември оттаму испратија барање до Министерството за култура да направи увид на предавалните во Факултетот за музичка уметност со цел да се потврди дали се соодветни за библиотека.
Министерството формираше Комисија која по проверката утврди дека просториите ги немаат условите за библиотека.
„По разните премерки дојдовме до заклучок дека она што треба да го направи е библиотеката во Тетово од постојните простории сега само да се помести во следната врата каде што ќе добие 80 односно до 100 метри квадратни плус во простор за цел нивен книжевен фонд. Простор којшто ние, бидејќи тие треба да го користат, ќе го реновираме, простор којшто ќе се осовремени, повторно ќе кажам се до нивно влегување до нивните нови простории во новиот објект по најсовремени стандарди“, рече министерката Бисера Костадиновска – Стојчевска на прес-конференција.
За ситуацијата се огласи и Делегацијата на ЕУ од каде кажаа дека се обврзале да помогнат при преселбата за да се осигураат дека ќе е непречена и дека библиотеката ќе може веднаш да продолжи со својата служба кон граѓаните.
Ангела Бошкоска