Доаѓа сезоната на загаден воздух – државата и општините глуви за потребата од повеќе мерни станици

Деновите со енормно загадување на воздухот се пред нас, а нема нови мониторинг станици за мерење на квалитетот на воздухот во македонските градови. Властите на национално и на локално ниво си ги префрлаат меѓусебно обврските за тоа кој треба да постави нови мерни станици низ населените места, а општ е впечатокот дека сите чекаат средства од странство за да се зголеми бројот на мониторинг станици што ќе обезбедат поквалитетно мерење на аерозагадувањето, објави агенцијата Мета.

Во Скопје цели општини, како што се Бутел, Сарај, Чаир и Шуто Оризари, немаат ниту една мониторинг станица на нивна територија што го мери квалитетот на воздухот. Во рамките на овие општини, како што е Визбегово, традиционално со години наназад се пали ѓубре на отворен простор и се загадува воздухот, а притоа не постојат точни податоци од Државниот автоматски мониторинг систем за квалитет на амбиентен воздух за тоа какви се последиците од ваквото загадување врз граѓаните од околните населени места. И во градови како Тетово, кој постојано е на врвот на листата во земјава според загаденоста на воздухот, постои само една мерна станица.

Мета.мк го праша Министерството за животна средина и просторно планирање за тоа дали планираат да го зголемат бројот на мониторинг станиците пред претстојнава зимска сезона. Одговорот од нивна страна е негативен. Во текот на 2023 година не е инсталирана ниту една нова станица за мерење на квалитетот на воздухот во земјава, а не е ниту планирано поставување нова до крајот на годинава. Лани била поставена нова станица само во Охрид, додека во 2020 и 2021 биле инсталирани три нови мониторинг станици во Гевгелија, Берово и Прилеп.

Државниот автоматски мониторинг систем за квалитет на амбиентен воздух кој го управува Министерството за животна средина и просторно планирање се состои од 21 фиксни мониторинг станици, како и една мобилна мерна станица која се преместува во различни општини каде нема ваква инфраструктура што го мери квалитетот на воздухот. Како резултат на ваквите мерења, се изготвуваат извештаи за загадувањето на воздухот на дневно, месечно и годишно ниво, но Мета.мк за минатата зимска сезона пишуваше дека опаѓа транспарентноста во објавувањето на податоците за аерозагадувањето во земјава.

Во месечните извештаи од минатата зима повремено недостигаа податоци за дел од загадувачките супстанци што го определуваат квалитетот на воздухот кај дел од мерните станици, особено кај оние коишто се лоцирани во Скопје. Потоа, се појавуваа идентични мерења кај ПМ-10 и ПМ-2.5 честичките за цел изминат месец, што е невозможно да се случи за една иста локација. Случајно или не, со ваквите податоци беше невозможно да се утврди дали граѓаните дишеле почист или позагаден воздух во подолг временски период.

Од денешна перспектива, во одговорот од Министерството за животна средина нема прецизно објаснување дали пред почетокот на претстојниов зимски период годинава е извршено надоградување на постојните мерни станици, замена на инструменти или поставување на дополнителна опрема која што би ги мерела другите загадувачки супстанци во воздухот. На пример, во објавените мерења на ова министерство никаде не може да се најдат податоци за нивото на загадување со ПМ-1 честички, односно најопасните атмосферски честички кои имаат дијаметар помал од 1 микрометар.

Сепак, од Министерството за животна средина велат дека врз основа на членот 39 од Законот за квалитет на амбиентниот воздух, македонските општини и Градот Скопје можат да воспостават локална мрежа за мерење и следење на загадувањето на воздухот на нивната територија, но по претходно добиено мислење од нивното министерство, под услови и начин уредени со Законот за квалитет на амбиентниот воздух.

„Годинава ниту една општина не нè контактирала во насока на поставување на нова мониторинг станица“, велат за Мета.мк од Министерството за животна средина и просторно планирање.

Мета.мк на оваа тема испрати прашања и до неколку општини – ги прашавме локалните власти дали планираат да постават дополнителни мерни станици или мобилни сензори преку кои ќе се подобри мерењето на квалитетот на воздухот на територијата на нивните општини. Испративме прашања до скопските општини Центар, Чаир и Кисела Вода, а одговори добивме од Општина Центар и Општина Кисела Вода.

Локалните власти од Центар за Мета.мк велат дека на нивната територија има две мерни станици коишто ги мерат загадувачките концентрации во воздухот, но и дека не е планирано поставување на дополнителни мерни станици од страна на Општина Центар.

Од Општина Центар сметаат дека Законот за квалитет на амбиентен воздух е во надлежност на Градот Скопје, што значи дека надзор вршат овластени инспектори за животна средина од Градот Скопје. Општина Центар ги следи извештаите за квалитетот на воздухот од Министерството за животна средина, а доколку има надминувања на измерените концетрации, ги известува граѓаните и дава препораки за заштита од аерозагадувањето.

Наспроти оваа локална самоуправа, од Општина Кисела Вода објаснуваат дека до крајот на 2023 година ќе постават мерна станица што ќе го определува квалитетот на воздухот пред АД Цементарница во Усје. Од оваа локална самоуправа во 2021 година поставија мерна станица пред Домот на културата „Билјана Беличанец“, а до крајот на мандатот општинските власти планираат да инсталираат мерни станици и во населбите Драчево, Пинтија и на локација меѓу населбите Пржино и Црниче.

Од Општина Кисела Вода го поддржуваат ставот на Министерството за животна средина дека и локалните власти треба да се вклучат во унапредувањето на инфраструктурната мрежа на мониторинг системот за определување на квалитетот на воздухот, но и додаваат дека е потребна поддршка од министерството.

„Градоначалникот го поддржува ставот на Министерството за животна средина и просторно планирање бидејќи е во интерес на квалитетниот живот на граѓаните кои му ја дале поддршката, но во изминатиот период изостанува вклученоста на Министерството и целиот товар е на грбот на Општината, односно обврската ја споделуваат на зборови, а не и на дело“, велат за Мета.мк од Општина Кисела Вода.

За темата за проширување на бројот на мерни станици во Скопје, Општина Чаир воопшто не одговори на прашањата на Мета.мк поставени до нив во однос на оваа тема. Во Чаир нема ниту една мерна станица која го мери аерозагадувањето и не е на листата на општини опфатени со Државниот автоматски мониторинг систем за квалитет на амбиентен воздух.

Странска помош за справување со аерозагадувањето

И додека кај властите на национално и локално ниво нема слух за надоградба на мониторинг системот со фиксни мерни станици кои најпрецизно треба да го мерат аерозагадувањето, во реалноста останува и понатаму странските донатори и приватните иницијативи да се грижат за справувањето со аерозагадувањето во земјава.

Со средства од Шведска во висина од 4,13 милиони долари и кофинансирање од половина милион долари од Бирото за регионален развој, Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) преку проектот „Справување со загадувањето на воздухот“ реализира мерки за да ги поддржи општините Кавадарци, Гостивар, Куманово, Струмица и Струга.

Иако не предвидуваат набавка на мерни станици за мониторинг на квалитетот на воздухот, во рамките на проектот на УНДП ќе се спроведат мерења на квалитетот на воздухот во пет градови. Ќе се користат мерните станици на Министерството за животна средина, со исклучок на Струга каде е поставена индикативна мерна станица за квалитет на воздухот и метеоролошка станица.

„Целта на овие мерења е да се добијат прецизни и точни информации за уделот на одредени загадувачи на воздухот во секој од овие пет градови, врз основа на што локалните власти ќе можат соодветно да ги прилагодат своите планови и мерките кои треба да се спроведуваат за справување со аерозагадувањето“, информираат за Мета.мк од УНДП. 

Покрај утврдувањето на надворешната загаденост на воздухот, проектот предвидува и мерења на внатрешната загаденост на воздухот, кои ќе се спроведат во две училишта или градинки во секоја од петте општини. Мерењата ќе се направат во согласност со препораките на Светската здравствена организација (СЗО) и локалните специфики за квалитетот на воздухот.

„За да се утврдат сезонските флуктуации на концентрациите на одредени загадувачи примероците ќе се земаат во две фази – за време на студените месеци (грејна сезона) и за време на топлите месеци. Програмите за земање примероци во секоја институција ќе опфаќаат период од најмалку една недела и ќе вклучуваат мерења направени пред часовите, за време на нивното одржување и по завршувањето“, појаснуваат од УНДП. 

Активностите за мерење на загадувачите на воздухот ќе се спроведуваат во периодот од март 2023 до март 2024 година, согласно прирачникот на Заедничкиот истражувачки центар на Европската Комисија.

Во зависност од резултатите на анализата за определување на уделот на различните извори на загадување, во секоја од општините ќе бидат имплементирани таргетирани мерки за намалување на загаденоста. Мерките ќе ја земат предвид и родовата перспектива, а потребите на социјално-ранливите граѓани ќе бидат приоретизирани.

Некои од можните мерки кои ќе бидат преземени по извршените мерења ќе вклучат поставување на енергетски фасади на училиштата, имплементација на мерки за енергетска ефикасност на јавните објекти, замена на стари прозорци со нови во училишните објекти, креирање на зелени површини и велосипедски патеки.

Со проектот на УНДП ќе се зајакнуваат и професионалните капацитети на инспекторите и вработените во петте општини кои работат на заштита на воздухот и животната средина, а ќе се набавува и опрема (ИТ опрема, заштитни одела за теренски посети, како и мобилни апарати/сензори за мерење на бучава или сензори за мерење квалитет на вода (Ph-метри) и друго).

Во првата фаза од проектот, капацитетите на Универзитетот „Гоце Делчев“ биле дополнително засилени со набавката на високо софистициран рентген флуоресцентен спектрометар за анализа на изворите на суспендираните цврсти честички од воздухот.

Скопјани ќе добијат нова апликација за пријавување на загадувачи на воздухот

На ниво на Градот Скопје, допрва се чека разработката на новата апликација Breathe.mk која ќе биде изработена од студенти, а ќе им служи на граѓаните за следење и пријавување на загадување на воздухот. Минатиот месец се одржаа два хакатона во организација на „Бреинстер“, во соработка со Градот Скопје и веќе етаблираната апликација „Мој воздух“, за изработка на Breathe.mk. До тогаш, сите граѓани може да ја користат апликацијата „Мој воздух“ за редовно информирање во врска со квалитетот на воздухот во Скопје.

Мета