Документарниот игран филм „Патување пеш“ (The Walk) во режија на Тамара Котевска кој во фокусот ги има бегалците од Сирија и Палестина ќе ја има својата светска премиера во Њујорк на 9-ти ноември на најголемиот американски фестивал за документарни филмови DOC NYC, најавија од Агенцијата за филм.
Филмот е селектиран во категоријата „Каледиоскоп“, за филмови кои се стремат кон поетски и есеистички филмски израз. Ова е единствен филм во категоријата со светска премиера.
Во последните десет години, на DOC NYC се прикажувале документарни филмови што потоа ја освоиле наградата Оскар. Тамара Котевска е најавена како една од десетината специјални гости – автори со нов филм, меѓу кои се Вим Вендерс, Сем Полард и Рамин Бахрани.
Филмот „Патување пеш“ (The Walk) го следи патувањето на Амал, џиновска кукла висока 3,5 метри, млада бегалка, која патува преку сириската граница во Турција, низ Европа, обидувајќи се да си најде дом. Филмот се снимаше 2 години, на територија од повеќе од 10 земји. Во реализацијата на филмот, покрај режисерката Котевска учествуваа и монтажерот Мартин Иванов, кинематограферот Самир Љума и композиторот Дуке Бојаџиев.
Фидаа Зидан од Палестина и Муајад Моин од Сирија се двајцата исклучително талентирани актери кои се дел овој проект. Во моментов во светот има над 35 милиони бегалци, од кои 14 милиони се деца, а повеќето од нив сирачиња, во чија чест, џиновската кукла Амал активно се движи низ светот со својот патувачки театар.
Главен продуцент на филмот „Патување пеш“ е една од најголемите наградувани британски филмски компании со фокус кон документарните филмови, „GRAIN MEDIA“, додека зад филмот застана и „Participant Media“, една од најуспешните американски продукциски компании последниве 15 години, со 18 освоени награди од 73 номинации за Оскар.
Kако македонски копродуцент се јавува ОХО Продукција, a филмот е поддржан и од македонската Агенција за филм.
„Радосен сум што Агенцијата за филм го препозна овој комплексен проект, на веќе светски реномираната авторка Тамара Котевска, особено кога станува збор за документарни филмови, кои оставаат општествен импакт. Филмот прво го презеде светска продукциска куќа, а Македонија се вклучи во процесот. Уште повеќе ме радува фактот што голем дел од екипата се Македонци со кои сме практично на мапата на светската кинематографија. Им посакувам среќа во Њујорк”, изјави Бојан Лазаревски, директор на Агенцијата за филм.
Европската премиера на филмот се очекува да биде на пролет, на еден од поголемите европски филмски фестивали.
Тамара Котевска постигна огромен успех како ко-режисер на документарниот филм „Медена Земја“ во 2019 година, кога филмот доби 3 награди на култниот американски филмски фестивал Санденс, а следната година имаше номинации за Оскар во 2 категории.
По повод последниот филм „Патување пеш” Котевска беше повикана да одржи говор на меѓународниот филмски фестивал во Венеција во категорија „Lights Camera Impact“ која се однесува за филмови кои имаат моќно и социјално влијание и прават општествена промена.