Над 200 илјади посетители на Paris Games Week, најголемиот саем за видеоигри во Европа

Вчера беше затворен најголемиот саем за видеоигри во Европа, Paris Games Week, кој во изминативе пет дена го посетија 200.000 луѓе кои можеа да ги погледнат најновите достигнувања во светот на технологијата и видеоигрите.

Во главната хала оваа година своите производи ги изложуваа најголемите играчи во овој сектор. Од трите компании за конзоли (Мајкрософт, Нинтендо и Сони), до најголемите развојни студија за игри. Во центарот на вниманието беше домашната компанија Убисофт, која ги демонстрираше последните производи, а покрај нив се промовираа и конкурентните Бандаи Намко, Капком и Сквер Еникс.

На повеќето интерактивни штандови гејмерите можеа да ги испробаат возбудливите нови наслови како „Final Fantasy VII Rebirth“ која треба да излезе во февруари следната година, „Tekken 8“ и „Prince of Persia: The Lost Crown“ кои исто така се најавени за 2024.

Освен очекуваните видеоигри, есенва светот на гејмингот излегоа бројни атрактивни наслови кои исто така привлекуваа внимание на саемот. Од „Assassin’s Creed Mirage“ на Убисофт до една од најочекуваните видеоигри за оваа година, „Spider-Man 2“ од Сони.

Вториот дел од серијалот со Спајдермен повторно ги става играчите во костимот на човекот-пајак кој лета со пајажината низ интерактивниот и динамичен Њујорк. Досега се продадени повеќе од 2,5 милиони примероци од играта и со тоа стана најбрзо продаваната видеоигра во историјата на Плејстејшн 5 во првите 24 часа од објавата на крајот на октомври.

Ова беше прва релативно нормална организација на Paris Games Week по пандемијата и помалиот настан одржан лани. По карантините индустријата на некој начин се откажа од овие големи промотивни настани. Многу развојни студија стекнаа навика да ги објавуваат своите следни игри за време на нивни онлајн настани. Делумно поради ова, најголемиот годишен настан за видеоигри Е3, кој се одржува во Лос Анџелес, годинава не се одржа.

Сепак и понатаму остануваат повеќе популарни саеми за видеоигри кои се одржуваат низ светот, како Tokyo Game Show или германскиот Gamescon, кој е втор најпопуларен саем од ваков тип во Европа.

Популарноста кај јавноста не е единствена причина за успехот на Paris Games Week бидејќи голема улога игра и поддршката од француската Влада. За време на саемот, францускиот министер за економија Бруно Ле Мар најави дека Владата планира да ги продолжи субвенциите за видеоигрите до 2026 година, проект преку кој буџетски се финансира индустријата. Од имплементацијата на овој проект во 2008 година, субвенциите ги поддржуваа компаниите во секторот со тоа што покриваа до 30% од трошоците за продукција на нови игри.

Франција во моментов се наоѓа на третото место во Европа според приходите од видеоигри, а здруженијата на развојни студија за видеоигри од земјата велат дека планот е земјата да биде на првото место на континентот во следните пет години.