Италијански судија нареди конфискување на 779,5 милиони евра од платформата „Ербиенби“ поради сомнение за даночно затајување.
Обвинителите велат дека компанијата, која е една од најголемите во светот во бизнисот со изнајмување имоти за престој, не успеала да наплати данок од станодавците на околу 3,7 милијарди евра приходи од изнајмување имот.
Станодавците во Италија се обврзани да плаќаат 21% данок на нивните приходи од изнајмувањето на имотот.
Од „Ербиенби“ за Би-Би-Си изјавиле дека се разочарани и изненадени од мерките најавени од италијанското обвинителство. Портпаролот на компанијата додал дека работат на решавање на проблемот со италијанската даночна агенција од јуни.
Во 2022 година „Ербиенби“ се спротивстави на италијанскиот закон кој ја обврзува компанијата и другите платформи за краткорочно изнајмување сместување да задржуваат 21% од приходите од рента за станодавците и да ги плаќаат на даночните власти. Компанијата спореше дека ваквите италијански барања за оданочување биле спротивставени на принципите на слобода за обезбедување услуги низ Европската Унија. Сепак, Судот на ЕУ подоцна пресуди дека „Ербиенби“ мора да ги почитува правилата од италијанските власти.
Последниов период италијанските власти ја засилија контролата на даночните практики на големите компании како „Ербиенби“, кои работат во земјата од 2008 година. Италијанските власти имаат покренато даночни истраги и против Нетфликс и Мета.