Неточни вести, теории на заговор и погрешни факти се само дел од содржините кои можат да се најдат на почетната страна на Мајкрософт MSN.com, која и понатаму останува една од интернет страниците со најголем сообраќај и место каде милиони Американци го започнуваат секој ден.
Зад оваа поплава од лажни или бизарни вести на сајтот последниов период најверојатно стои одлуката на Мајкрософт да се базира на автоматизација и вештачка интелигенција (ВИ) наместо на новинари за да ја уредуваат почетната страна, велат луѓе кои се запознаени со проблемите за Си-Ен-Ен.
Страницата, која е по правило почетниот сајт кој се отвора на уредите кои имаат софтвер од Мајкрософт, во 2018 година имаше вработено 800 уредници кои ги селектираа и уредуваа вестите кои ги гледаа милиони читатели низ светот. Но, последниве години Мајкрософт отпушти дел од овие луѓе, а некои од нив беа заменети со „автоматизација“, која според нив е ВИ.
Инвестицијата на Мајкрософт во ОпенАИ, креаторите на популарната апликација „ChatGPT“ претставуваше голем влог во потенцијалите на ВИ, но овие последни случаи на засилени лажни вести го покренуваат прашањето за имплементирањето на оваа технологија, како и на новинарството во целина.
Случај Гардијан
Еден од последните примери околу користењето на ВИ во новинарските содржини од страна на Мајкрософт се случи вчера, кога британскиот весник Гардијан ја обвини технолошката компанија за правење штета на нивниот углед откако објави нивна вест со извесна ВИ додавка.
Мајкрософт има договори за објавување вести од големите новински организации низ светот, како што се Гардијан или Си-Ен-Ен, но минатата недела кога ја објавија веста на Гардијан за млада жена која била најдена мртва со сериозни повреди на главата во училиште во Сиднеј, Австралија, на MSN.com во веста била додадена и ВИ генерирана анкета во која се прашуваат читателите „Што е причината зад смртта на жената?“ со понудени три одговори: убиство, несреќа или самоубиство.
Оваа анкета предизвика бројни критики од читателите на Мајкрософт. Ана Бејтсон, директорката на медиумската групација Гардијан во остро писмо до Мајкрософт напишала дека автоматски генерираната анкета била загрижувачка имплементација на ВИ технологијата на компанијата, и побарала од Мајкрософт да преземе целосна одговорност.
„Не само што ваквата примена е потенцијално штетна за семејството на лицето кое е предмет на сторијата, туку нанесува голема штета и на Гардијан, кој има репутација на доверливо и чувствително новинарство, како и на новинарот кој ја напиша оригиналната сторија“, напишала Бејтсон во писмото адресирано до претседателот на Мајкрософт, Бред Смит.
Од Мајкрософт одговориле дека компанијата ги исклучила сите анкети кои се појавуваат во вестите и велат дека ги истражуваат причините за несоодветната содржина. Оттаму велат дека ваква анкета не требало да се појави во вест од таков тип, и велат дека преземаат чекори да се осигура дека ваква грешка нема да се повтори во иднина.
Лажни вести
Сепак оваа невкусна анкета не е прв јавен лапсус предизвикан од прифаќањето на ВИ од страна на Мајкрософт.
Во август, MSN.com објави вест на нивната почетна страна во која погрешно се тврдеше дека претседателот Џо Бајден заспал за време на минута молк за жртвите на катастрофалните пожари на Хаваи. Следниот месец Мајкрософт реобјави вест за Брендон Хантер, поранешен НБА кошаркар кој неочекувано починал на 42 години, со наслов „Брендон Хантер бескорисен на 42 години“.
Потоа, во октомври, Мајкрософт реобјави вест во која се тврдеше дека Дин Престон од општинскиот совет на Сан Франциско поднел оставка откако добил критики од Илон Маск. Оваа вест е целосно неточна.
Овие вести кои се појавија на Мајкрософт првично биле објавени на маргинални и непознати интернет страници, кои веројатно ќе останеле незабележани во морето на дезинформации кои се појавуваат секојденвно, но Мајкрософт со реобјавувањето на овие вести на нивниот портал на ваквите содржини им дава огромна јавност и ги нуди овие измислици на милиони дополнителни читатели низ САД и светот.
Уредници кои порано работеле за Мајкрософт за Си-Ен-Ен велат дека ваквите лажни вести, или буквално секој друг вид содржини од неквалитетни интернет страници не би биле толку ударно пласирани на сајтот на Мајкрософт доколку не се користи ВИ.