Употребата на говор на омраза е сериозен проблем и мора сериозно да се третира од државните органи, но и од граѓанското општество, вклучително и од новинарите.
Телевизиите и нивните производи треба да влијаат врз еманципирање на општеството и отстранување на етничките, религиозните, културните и локалните бариери и стереотипи. Посебно во мултиетничка и мултикултурна земја како што е Република Северна Македонија. Телевизиите не треба да влијаат на „здебелувањето“ на стереотипите и на омразата помеѓу граѓаните кои доаѓаат од различни заедници. За жал, кај нас, неретко токму телевизиите придонесуваат граѓаните од различни заедници да се чувствуваат уште поподелени и да ја засилуваат омразата меѓу нив.
Примерот што во претходните неколку денови предизвика бурни реакции во јавноста е случајот со професорот Исмет Рамадани и директорот на Канал 5 ТВ, Иван Мирчевски во емисијата „Само вистина“.
Кога професорот Исмет Рамадани ја изрази својата загриженост дека меѓу Македонците и нивните политичари има националистички наратив и еднострани изјави токму во момент кога, според него, тој наратив не постои кај Албанците, тој го обвини и новинарот Александар Видиновски дека не реагирал кога имало такви изјави во неговата емисија.
По оваа изјава следуваше реакција на новинарот кој демантираше такво нешто. Пристапот на новинарот беше професионален, и се обиде да ја смири ситуацијата.
Но, Рамадани продолжи, велејќи дека и во македонската јавност има наратив против Албанците и албанските политички партии, дури и националистички изјави. Тој на Видиновски му спомна и изјава на негов гостин, кој пред еден месец рекол дека „Албанците ќе ги газиме како бубашваби“, а според Рамадани, водителот на емисијата воопшто не реагирал.
Водителот на емисијата негираше, велејќи дека секогаш кога ја води емисијата, а има националистички изјави од која било партија, тој реагира соодветно. Апсолутно е дека Рамадани беше во право, бидејќи тој се осврна на последните неколку прилози на Канал 5 каде што се пропагира етничка нетпеливост. Пример е прилогот со знамињата во старата скопска чаршија и емисијата која ја спомна Рамадани.
Барање за напуштање на емисијата
Но, сите проблеми почнаа кога во емисијата беше вклучен и директорот на ТВ Канал 5, Иван Мирчевски, кој прво го обвини Рамадани дека врши сегрегација кон новинарот. По дискусиите со Рамадани, тој го замоли водителот Видиновски да ја прекине емисијата, а на Рамадани му нареди да го напушти студиото. Да се повика гостин во емисија и истиот да се избрка не е ниту етички ниту професионално.
Според соопштението на ЗНМ, главен виновник за ескалација на ситуацијата е Мирчевски. Тие наведуваат дека инцидентот добил непосакуван тек кога директорот на Канал 5 интервенирал, со барање Рамадани веднаш да го напушти студиото. ЗНМ изразува сериозна загриженост за оваа интервенција, бидејќи со неа директно се нарушува принципот на уредувачка независност, кој е камен-темелник на независното новинарство.
Според етичкиот кодекс, новинарот не смее да поттикнува насилство и дискриминација по која било основа (национална, верска, расна, полова, социјална, јазична, политичка, сексуална ориентација и сл…).
Директорот на телевизијата не е тој што треба да дели правда, а најмалку треба да си дозволи да ги „брка“ гостите од емисијата. Поделбата меѓу уредништвото и раководството мора да се почитува во медиумите. Можеби со некого не се согласувате за многу прашања, но вклучување во дебатата и исфрлување гостин од емисија се одраз на недостатокот на демократски и европски вредности.
Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), преку заедничко соопштение со Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и Советот за етика во медиумите во Македонија (СЕММ), ја истакна важноста и потребата од одржување на новинарските стандарди, за гарантирање на дискурс кој ја почитува и штити уредувачката независност.
„Во едно општество каде телевизијата во живо ја игра улогата на обликување на јавниот дискурс, од особена важност е сите учесници да одржуваат висок стандард на комуникација и да зборуваат со почит кон своите соговорници, како и со јавноста. Вечерва однесувањето и коментарите на г. Рамадани кон водителот на емисијата Видиновски, во одреден дел од дебатата, за жал, беа конфронтирачки, создавајќи можности дебатата да добие несакани размери“, се вели во заедничкото соопштение.
Важно е да се спомене и ставот на Агенцијата за аудио и аудио-визуелни медиумски услуги, каде тие укажуваат дека дебатите за политичко – општествените прашања треба да придонесуваат кон остварување на слободата на изразување, кон културата на толеранција и во ниту еден момент не смеат да поттикнуваат нетрпеливост.
Тие нагласуваат дека особено политичарите и носителите на јавни функции, треба да бидат свесни за тежината на јавно искажаниот збор и да се воздржуваат од изјави, особено преку медиумите, кои го поткопуваат дијалогот меѓу различните етнички групи во општеството.
„Етикетирање на медиуми и новинари, како што тоа во вчерашната емисија го направи Исмет Рамадани, советникот за евроатлантски вредности на Премиерот, негативно се одразува на слободата на медиумите и го нарушува новинарскиот дигнитет. Политичарите и носителите на јавни функции имаат посебна одговорност пред јавноста и треба да покажат највисоко ниво на почитување на новинарската професија и да вложат максимални напори да се овозможи медиумите непречено да ја извршуваат својата работа”, додаваат тие.
Ослободување од сензационализам
Од друга страна, несоодветна е поддршката што Мирчевски ја доби од Македонската асоцијација на новинари (МАН). МАН треба да ја штитат слободата на говорот и барем да не заземаат страна, туку да имаат објективен став како што го прават тоа ЗНМ. Од МАН преку соопштение порачаа дека целосно стојат зад директорот на Канал 5, новинарот Видиновски и гостинот Горан Момироски. Според нив, политичарот и советник во Владата, Исмет Рамадани неосновано обвинувал за предизвикување етничка нетрпеливост.
Според етичкиот кодекс на новинарите, новинарот мора да биде ослободен од сензационализам во текот на известувањето. Но, при известувањето за споменатиот случај кај некои медиуми немаше елементи на „ослободување од сензационализам“.
Порталот Зум, објави наслов „Жешко во ’Само Вистина’ на Канал 5 – Исмет Рамадани побара да не се подгреваат меѓуетничките тензии, телевизијата побара да им се извини“. Иако насловот беше избалансиран и неутрален, истото не може да се каже и за коментарите. Таму имаме голем број коментари со говор на омраза за Рамадани. Меѓу нив беа: „Зашто примате магариња во емисиите”; „Бркај вакви гомна срам се за државата”; „Дефинитивно претераа Албанциве со ароганцијата и дрскоста”; „Ваков абдал мора да се послуша”, „Копиле планинарско”.
Порталите како lider.mk и inbox7.mk во насловите исто така употребуваат сензационалистичкии наслови. А од друга страна, DW на македонски јазик во својот текст за овој случај, ги вклучија двете страни и нивниот текст е објективен и професионално напишан.
Присуството на говорот на омраза и слични појави се штетни за општеството и секој мора да се посвети на нивното намалување. Меѓу последиците од говорот на омраза се штетите за имиџот на земјата, растот на екстремизмот, пречките во дијалозите и соработката, меѓусебната дискриминација и поларизацијата на општеството.
Употребата на говор на омраза е сериозен проблем и мора сериозно да се третира од државните органи, но и од граѓанското општество, вклучително и од новинарите. Важно е да се промовира толеранција, дијалог и почитување на диверзитетот во општеството и активната борба против оваа штетна појава за да се изгради безбедно општество кое ќе живее во хармонија.
Од тие причини, сопствениците на телевизиите и медиумите треба да бидат повоздржани и да дејствуваат без емоции, бидејќи влијанието што го имаат е големо, а мало невнимание може да предизвика многу реакции и да поттикне етничка омраза.
*Зенел Мифтари дипломирал на Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје. Тој е вработен во дневниот весник КОХА и главно се занимава со образование и социјални прашања, и е исто така граѓански активист.
**Блогот е објавен во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава можете да ја прочитате ТУКА. Текстот е креиран во рамки на проектот Мрежа на разновидност 2.0 (Reporting Diversity Network 2.0).
***Мислењата изнесени во рубриката „Став“ се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на Радио МОФ.