Премиерна изведба на концертот за деца „Оловното војниче“ во Филхармонија

Оркестарот на Македонската филхармонија во среда (15 ноември) премиерно ќе го изведе концертот за деца насловен „Оловното војниче“ на музика од македонскиот композитор Филип Иванов.

„Еднаш многу одамна, едно малечко дете за роденден добило подарок – кутија со играчки. Внатре во кутијата биле сместени дваесет и пет оловни војничиња, направени од една стара голема оловна лажица. Детето многу се израдувало на подарокот и веднаш ги поставило војничињата на масата каде што имало и многу други играчки. Сите војничиња биле исти. Носеле црвено – сини униформи, а пушките ги држеле високо исправени потпирајќи ги на своите раменици. Биле наместени во строј и спремни за марширање“, се вели во описот за концертот по приказната на Ханс Кристијан Андерсен.

Диригент е Борјан Цанев, а наратор, актерот Мартин Јордановски.