Во „Нетавил“ во Скопје во петок (17 ноември) од 17:30 часот ќе се одржи панел-дискусија каде ќе биде дискутирано за младинските хибридни центри – заедничка иницијатива на „Културно Ехо“ и „Стартап Македонија“, која летово беше усвоена и од Владата.
Настанот има за цел да ја промовира иницијативата, но и како таа може да му помогне на Скопје.
„Долгогодишната градежна експанзија го ‘јаде’ јавниот простор во Скопје и неповратно му го менува ликот. Зелените површини се жртвуваат за станбени комплекси, а културното наследство се задушува со катни гаражи и трговски центри. За среќа, градот крие многу заборавени места кои имаат потенцијал да прераснат во нови градски оази. Тоа се напуштените објекти од минатиот век – поранешните културни, административни и индустриски центри – кои би можеле да добијат нови функции и да се приспособат на модерното време, без да го загубат својот некогашен шарм“, стои во најавата.
Според „Културно Ехо“ и „Стартап Македонија“, еден предлог за таквото осовременување на напуштените објекти – и институциите – се токму младинските хибридни центри.
„Оваа панел-дискусија е прилика да се запознаете со нашата иницијатива и да размените мислења со претставници од младите, културниот и деловниот сектор“, велат организаторите на настанот.
Влезот на настанот е слободен.