Европската комисија препорачува мерки и инспекции за загадувањето, а Охридскиот Регион да биде заштитен од урбанизам

Европската комисија (ЕК) повторно упатува низи критики и препораки за Македонија во полето на животната средина и климатските промени. ЕК во новиот Извештај за напредокот на земјава нотира „ограничен напредок“ во оваа сфера, а минатогодишните препораки се делумно исполнети, па охрабрува да се преземат натамошни чекори кон зелената транзиција, особено во рамките на Зелената агенда за Западен Балкан.

Елена Николовска, програмска координаторка за клима во „Еко-свест“, вели дека генерална забелешка е дека многу од клучните закони во Поглавјето 15 за енергија и Поглавје 27 кои се во фаза на изработка повеќе од 5 години се’ уште не се усвоени со што директно се запрени процесите за декарбонизација и соодветна заштита на воздухот и природата во земјата – Закон за природа, Закон за индустриски емисии, Закон за климатска акција.

„Сериозно недостасуваат институционални и технички капацитети за имплементација на законите кои се усвоени или ќе се усвојат што влијае и на спроведувањето на политиките и мерките кое се одвива многу споро и некоординирано“, посочува Николовска.

ЕК во извештајот препорачува во наредната година земјава да спроведе конкретни мерки за намалување на загадувањето на воздухот на локално и национално ниво, да го намали загадувањето на водите и да го операционализира регионалниот систем за управување со отпад во источните и североисточните региони.

„Во однос на хоризонталното законодавство во делот животна средина, треба да се интензивира работата за да се постигне целосно усогласување со директивите-темелници за оцена на влијанието врз животната средина и стратешка оцена на животната средина. Ова негативно влијае на сите други сектори на животната средина, инвестициите во инфраструктурата и целокупното учество и перцепција на јавноста“, се вели во извештајот.

Законот за животна средина, се додава, беше изменет во јули 2022 година за да се воведе забрана за изградба/реконструкција на нови инсталации за тешки и загадувачки индустрии на помалку од пет километри од населено место или заштитено подрачје.

„Земјата сѐ уште не се усогласила со Директивата за еколошка одговорност и Директивата за еколошки криминал. Недостигот од специјализиран кадар и слабиот институционален и административен капацитет ја поткопуваат контролата на квалитетот и извршувањето на проценките на влијанието врз животната средина“, забележува Европската комисија.

Николовска од „Еко-свест“ потенцира дека извештајот за напредок во секторот клима повеќе години наназад забележува дека е потребно да се имплементира Договорот од Париз, да се донесе законот за климатска акција и Националниот план за адаптација како клучни политики и закони кои ја поставуваат рамката за климатска акција на земјата.

„И покрај тоа што законот за климатска акција е во фаза на изработка повеќе од пет години, моментално е се’ уште во фаза на меѓуресорска координација и добивање мислења од другите ресори. Овој закон содржи данок за јаглерод како една од клучните алатки во напорите за намалување на емисиите на стакленички гасови и декарбонизација на сите сектори во земјата како и рамка за следење и известување за емисиите и координација на сите активности за климатска акција“, нагласува Николовска.

Дива депонија во скопското урбано подрачје, Фото: Радио МОФ

Во однос на управувањето со отпад, извештајот нотира дека во тек е процесот на затворање на нестандардните депонии, а употребата на пластични кеси е намалена.

„Во септември 2022 година беше усвоен првиот Национален план за превенција на отпадот (2022-2028), со кој се утврдуваат регулаторните политики и практични мерки што треба да ги преземат различни засегнати страни во јавниот и приватниот сектор. Процесот за затворање на нестандардни депонии во источните региони е во тек. Употребата на пластични ќеси е намалена за 80 отсто откако беше воведена нивната забрана од крајот на 2021 година. Системот воспоставен од колективните оператори за шемата за проширена одговорност на производителот (ИПР) што ги опфаќа јавните комунални претпријатија и лиценцираните приватни оператори посебно за собирање пластика, хартија и стакло од домаќинствата и деловните субјекти е оперативен, но капацитетот е ограничен“, се вели во извештајот и се додава дека се започнати активности за натамошно подобрување на системот за ИПР.

Имплементацијата повторно останува значаен предизвик во секторот за управување со отпад, па, оттука, Македонија треба „да продолжи со напорите за усогласување на националното законодавство со правото на ЕУ за управување со квалитетот на водите“.

„Во февруари 2023 година, беше усвоена програмата за управување со водите за 2023 година за проектирање и изградба на нови и одржување и подобрување на постоечките јавни објекти за водоснабдување и регулација на водотеците. Правната и политичката рамка за интегрирано управување со водите усогласена со европското законодавство за водите во голема мера е воспоставена. Сепак, бавното темпо на имплементација и спроведување е огромна системска слабост“, се констатира во извештајот и се додава дека е постигнат одреден напредок во зголемување на ниското ниво на финансирање.

Главен предизвик, како што се истакнува, останува недостигот од одржливо финансирање и административен капацитет за управување со заштитените подрачја.

„Во однос на заштитата на природата, процесот за прогласување на Студенчишкото Блато, Кањонот Матка, Охридското Езеро и Белчишкото Блато за заштитени подрачја допрва треба треба да заврши. Државните средства за заштита на природата се зголемени, но се’ уште се далеку од доволни. Спроведувањето на препораките на УНЕСКО за природното и културно наследство на Охридскиот регион останува недоволно. Секретаријатот на Бернската конвенција изврши мисија во врска со отвореното досие ‘Наводни негативни влијанија врз Охридското Езеро и Националниот парк Галичица – кандидати за Емералд подрачја’, поради урбанистичкиот развој“, стои во извештајот.

Според граѓанската иницијатива Охрид СОС, заклучоците во овој дел јасно го нотираат „напредокот“ на локалната и централната власт во врска со исполнување на препораките, односно нивната волја за суштинска заштита на регионот.

„Додека членовите на Владата на Република Македонија се трудат деновивеве да претстават некаква розева слика за регионот на 42. генерална конференција на УНЕСКО во Париз, на терен работите практично и не се поместени од мртва точка. Институциите сè уште немаат исполнето препораки донесени пред шест години, кога практично почна и мандатот на сегашните партии на власт. Веќе шест години се одолговлекува, а во меѓувреме се уништува природното и културно наследство на Охридскиот Регион, што последно беше нотирано и во експертскиот извештај на членовите на мисијата на Бернската конвенција. Соучесници во ова се и општините, државниот инспекторат за животна средина и др“, забележуваат од Охрид СОС.

Министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова, пред неколку денови посочи дека земјава вложува значителни напори за усогласување на своето законодавство и системи со правото и политиките на ЕУ за животната средина и климата.

„Овие цели се рефлектираат во секторските стратегии и политики кои опфаќаат интензивни законодавни мерки, градење на националниот капацитет за спроведување на европското право и значителни финансиски инвестиции во нова инфраструктура и технологии“, истакна министерката на состанок на секторската работна група за животна средина и климатски промени.

Таа додаде дека отворањето на пристапните преговори со ЕУ ќе го интензивира процесот на усогласување на националното законодавство со правото на ЕУ и ќе стави нов фокус на спроведувањето.

„Од таа причина особено е важно да се обезбеди широка консултација на стратешките приоритети во секторот животна средина, подобра координација на поддршката на сите општествени чинители во однос на реализацијата на националните активности во презентираните сектори во наредниот период, како и на поддршката на донаторите“, рече министерката.

Бојан Шашевски