Со форсирањето на гасниот интерконектор со Грција, Македонија може да се заглави уште повеќе од 3 децении во нова зависност од фосилни горива и да ги потроши парите кои може да се вложат во обновливи извори на енергија, реагираат од организацијата „Еко-свест“.
Од таму посочуваат дека со напуштањето на јагленот и нафтата се ризикува да се поврземе за гасот во време кога многу земји од ЕУ забрануваат инсталирање на нови приклучоци. Тоа, велат еко-активистите, е поради влијанието врз животната средина и кога се проценува дека цената на овој енергенс само ќе се зголемува поради ризиците во испораката и новите правила на наплата за емисиите на јаглерод диоксид на Европската Унија.
„Интерконекторот кој треба да носи гас од Грција ќе ја насочи државата кон комплицирана изградба на гасна мрежа во сите општини што ќе трае долго и според различни сценарија може да чини меѓу 240 и 745 милиони евра. Овие пари може поефикасно да се насочат кон развој на обновливи извори на енергија и забрзување на продирањето на постоечки ефикасни системи за готвење, загревање на вода и на домаќинствата кои користат комбинации од соларни панели и топлински пумпи“, посочуваат од „Еко-свест“.
Дополнително, велат тие, истражувањето на јавното мислење и фокус групите кои ги спроведе „Еко-свест“, укажуваат дека повеќе од две третини од испитаниците би се приклучиле на гасна мрежа доколку цената на приклучок изнесува до 300 евра. Меѓутоа, проценката на „Еко-свест“ е дека цената на приклучок нема да биде под 700 евра. Оваа цена пак е прифатлива за само 4% од испитаниците.
„Проценката е и дека воведувањето на гасот за домаќинствата ќе придонесе за сериозно изместување на пазарот на уреди за готвење, загревање на водата и на грејни тела со оглед на тоа што гасните уреди досега беа многу малку застапени на тој пазар, а со гасификацијата ќе се јави огромна потреба од нив. Тоа дополнително ќе го забави преминот кон обновлива енергија кај домаќинствата“, забележува еко-огранизацијата.
Дополнително, „Еко-свест“ напоменува дека за проектот за гасниот цевковод од Грција не беше овозможена отворена консултација со сите засегнати страни во врска со неговото влијание врз животната средина.
Фото: Еко-свест