Алкохол, канабис, кокаин, па потоа МДМА/екстази и спид е редоследот на психоактивните супстанци кои млади испитаници од Македонија одговориле дека најчесто ги користеле при вечерно излегување во изминатите 30 денови. Приближно половината од испитаниците користат психоактивни супстанци, а најчесто ги употребуваат орално, ги пушат и шмркаат. Од друга страна, опсегот на програмите и понудените услуги за намалување на ризиците за младите е сериозно ограничен. Во Македонија не се издвојуваат средства за побезбеден ноќен живот на младите. Не постојат програми за тестирање на дрогата – „drug checking“. Нема програми специјализирани за амфетамини и клупски дроги. Нема програма за лекување на малолетници.
Истражувањето на ХОПС, во партнерство со Удруга Тера и РеГенерација, дава одговори на прашањата со какви предизвици се соочуваат младите во ноќниот живот, но и како се грижат за своето здравје и безбедност. Исто така, анализирано е колку младите се информирани за јавните политики што се однесуваат на нив и колку носителите на одлуки се запознаени со нивните потреби и интереси.
Извештајот е правен за Македонија, но паралелно и за Србија и Хрватска, а врз основа на методологијата развиена во проектот „Млади за млади заедно да работат“.
Огромно мнозинство од испитаниците (Хрватска 97,17%, С. Македонија 96,4%, Србија 96,43%) изјавуваат дека се запознаени со ризиците од употребата на психоактивни супстанци, а голем процент (Србија 46,43%, Хрватска 42,40%, С. Македонија 28,57%,) од нив наведуваат и дека биле сведоци на предозирање или интоксикација со психоактивни супстанци.
„Но, она што е алармантно е дека значителен процент од испитаниците изјавиле дека споделуваат опрема за употреба на психоактивни супстанци. Има смисла да се претпостави, гледајќи ги овие одговори во корелација со одговорите за заедништво при користењето одредени супстанци, дека одговорите најмногу се однесуваат на споделување опрема за шмркање, како и споделување цигари што содржат канабис или други супстанци, што носи одредени дополнителни ризици од крвно преносливи инфекции и воопшто, хигиенски ризици“, стои во извештајот врз основа на 503 прашалници спроведени во трите земји, на возраст на млади од 18 до 35 години.
Настрана од ова, повеќето млади одговориле дека мешаат психоактивни супстанци, односно користат неколку видови во текот на ноќта, фактор кој, велат истражувачите, го зголемува ризикот од предозирање, или може да предизвика здравствени проблеми.
„Повеќето (Македонија 83%, Србија 71,05%, Хрватска 64,29%,) од нив изјавиле и дека имале сексуални односи под дејство на психоактивни супстанци. Иако е неопходен подетален увид во овие практики, самата информација дека и двете шеми на однесување се вообичаени кај младите што учествуваат во ноќниот живот е од исклучителна важност за планирање на програми и услуги за намалување на штети кај овие популации на млади“, посочуваат истражувачите, барајќи да им се овозможат и знаења и алатки за избегнување на ризици.
Од испитаниците кои користат психоактивни супстанци кога се излезени, голем процент (Македонија 50,85%, Србија 35,53%, Хрватска 49,35%,) во некој период од животот зеле психоактивна супстанца за која не знаеле со сигурност што е.
Истовремено, во сите три земји мнозинството (Србија 89,29%, С. Македонија 85%, Хрватска 83,48%) сметаат дека се грижат за своето здравје и безбедност кога излегуваат. Умереност, дозирање, хидратација, храна, чување пијалоци и останување блиску со пријателите… се најчестите стратегии за грижа за себе кај испитаниците во различни држави.
Повеќето, ноќниот живот го оцениле како „просечно безбеден“, ако се земе на скала од 1 до 5.
Во некои одговори, испитаниците наведуваат објаснувања за негрижата кон своето здравје засновани врз перцепцијата на нивните модели на однесување како (негативни) зададени, фиксни состојби, кои тие имплицитно не можат или не знаат како да ги променат: „Неодговорен сум“, „лоша навика“ и „склоност кон ризично однесување“.
„Овие одговори најдобро илустрираат дека самата свесност за одредени модели на однесување и нивната непожелност или ризичност не е доволна, туку од клучно значење е на младите да им се обезбедат алатки за справување со овие образци и постепено, одржливо и изводливо или прифатливо (на индивидуално ниво) да ги менуваат“, стои во извештајот.
Домашните организации очекуваат повеќе средства и програми за младите
За делот на Македонија, во истражувањето се вклучени искуства на шест граѓански организации од четири градови. Сите работат на ниво на политики за млади, а една од најголемите пречки им е тоа што не постојат финансиски средства за безбедноста на ноќниот живот на младите.
„Министерството за здравство, кои ги финансира програмите за превенција на ХИВ, вклучително и програмите за намалување на штети од употреба на дроги и тестирање на ХИВ, последните 2 години го крати буџетот за 40%, кој е наменет за граѓанските организации кои ги спроведуваат овие програми. Тоа доведе до затворање на 2 програми за намалување на штети од употреба на дроги, додека другите програми беа принудени да намалат на работни часови или да прекинат со давање на некои од услугите наменети за лицата кои употребуваат дроги“, се вели во истражувањето.
Понатаму, организациите сметаат дека нема доволна соработка со локалните власти кои немаат ниту знаење, ниту разбирање на однесувањето на младите во текот на ноќните излегувања.
Исто така, забележуваат тие, зголемен е бројот на рации и упади од полицијата во кафулиња и ноќните клубови каде излегуваат младите и вршат претрес со цел изнаоѓање на недоволни психоактивни супстанци.
Тоа, посочуваат организациите, ja намалувa довербата кон институциите, но доведува и до тоа да се организираат нелегални забави или пак жирки во домашни услоги како и „афтер парти“ на кои се употребуваат супстанци.
„Но, на нив не можат да се даваат услуги и информации од страна на граѓанските организации, бидејќи нивното организирање е во тајност. На тој начин ризичното однесување на младите е поголемо. Често пати журките се организираат во вили и куќи многу подалеку од градот и постои опасност да не се даде соодветна помош доколку се има потреба од неа заради далечината. Од друга страна, испитаниците намаат информации дали некој од ноќните клубови е казнет заради точење на алкохол за малолетници“, забележуваат организаците.
Меѓу забелешките е неможноста да се работи за малолетници кои употребуваат дроги без согласност на родителите, особено што е зголемен бројот на вакви малолетници во постковид периодот.
„Во туристичките места каде младите одат на летување секојдневно е појавата на употреба на алкохол на јавен простор – улици, паркови и сл. и пијанството е многу видливо. Голем број од овие млади лица, нагласуваат, се малолетни кои дошле сами на одмор без присуство на родители.
„Се’ е поголем бројот и на млади кои развиваат зависност од коцкање. Навечер излегуваат во казината и таму ги минуваат ноќите. Цените не се многу високи и за 10-15 евра освен можност за коцкање добиваат и бесплатен пијалок, а во некои места и можност нешто да каснат. Често пати тоа се малоленити кои најмногу ги користат услугите на електронските казина кои ги има речиси на секој чекор. Овие казина им изготвуваат пропусници на малолетниците со лажни податоци дека се полнолетни. Очигледна е манипулацијата и криминалот кој го организираат тие. Како по правило до казината има сервиси за брзи кредити“, стои во истражувањето.
Понатаму, посочено е дека не постојат програми за тестирање на дрогата – „drug checking“, нема програми специјализирани за амфетамини и клупски дроги, ниту програми за лекување на малолетници.
Како позитивни примери, пак, се споменати некои од соработките со носителите на одлуки, пример кога ХОПС ја покрена иницијативата за развој на програма за лекување и интеграција на млади и малолетници кои употребуваат дроги.
„Оваа иницијатива има за задача да ја напише програмата. Оваа одлука на владата се реализираше, програмата се напиша, но истата не е спроведена во пракса“, стои меѓу другото во истражувањето.
Дополнително, ја споменуваат иницијативата на ХОПС и Коалиција Маргини за измена на членот 215 од Кривичниот законик – со цел јасна примена на одредбата од законот на начин што нема да се казнува поседувањето на дроги за лична употреба.
„Оваа измена ќе овозможи да се промени судската пракса и конечно луѓето кои поседуваат дроги за лична употреба, а тоа се пред се’ млади луѓе – да не бидат кривично казнувани. Ова претставува голем чекор кон креирање на хумана и ефективна национална политика за дроги која ќе се базира на почитување на човековите права“, посочуваат организациите во истражувањето.
Најголема пречка за учество на младите во креирање младински политики, тие ја гледаат вo тоа што младинските прашања и политики не се од интерес на носителите на одлуки.
„Посебно ако за тоа се бараат финансиски средства за отворање на нови програми, центри и слично. Затоа нивните искуства кажуваат дека е подобро да се делува како мрежа или коалиција на младински организации отколку да се настапува како поединечни организации“, стои во истражувањето.
Бојан Шашевски