Самостојната изложба „Вечно женско“ на уметницата Татјана Миљовка го претставува мистичниот амбиент на вечното женско – симболот на убавината и мудроста Софија. Таа ќе биде отворена во вторник (21 ноември) во Културно-социјалниот простор Центар Јадро со почеток од 20 часот.
„Патријархалната култура и религија ја потиснуваат женската енергија којашто е незаменлива во реализирањето на полнотата на чувството и креативната емоција. А пак рационалниот ум (често роб на ниските страсти) е на суверено место во патријархалното општество. Тој е во сојуз со волјата за доминација и наметнувањето на моќ од позиција на физичка сила. Тие се востановени како „природни“ и „нормални“ нагони во општеството. Бидејќи социјалниот дарвинизам е „неминовен“ и „нужен“, следува натпреварувачкиот дух како смисла на животот, па насилноста води кон (авто)деструкција, војна, смрт. Нели сè уште ги препознаваме овие сили како доминираат во нашиот свет!? Од друга страна, во тој систем, сочувството, емпатијата, емотивноста, сензибилноста, симпатијата, довербата најчесто се сфаќаат како слабости, пожртвуваноста и љубовта, великодушноста, солидарноста и добротворноста – неисплатливи, мирното решавање на проблемите и конструктивноста – привремени. За повторно да се откријат и да се ревалоризираат овие занемарени доблести, неопходно е да се истражува вечното женско! Нежен однос кон природата, воодушевување од нејзините убавини, грижа за другите, за светот, за планетата, за следните генерации, се обновувааат и актуелизираат преку радикалните екологии: екофеминизмот, длабоката екологија и социјалната екологија“, вели авторката на изложбата.
Серијата на слики во оваа поставка опфаќа дела изработени во периодот од 2014 до 2015 година.
„Сликите Океан Море, Сонце и Расцут, Крилја, Пламен, се разни изблици на таа (женската) енергија, или како силна прочистена емоција, или како чувство на слобода и леснотија (добиваме Крилја), или како неизмерен простор и длабочина, или како пламено енергично извишување, или како мир, но динамички, или како топла радост и расцут“, се вели во најавата.
Татјана Миљовска магистрирала (со темата Возвишена убавина) на Факултетот за ликовни уметности, при универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, на отсекот сликарство. Во ноември 2020 година ја одбранила докторската дисертација со наслов Ревитализација на духовното во апстрактното сликарство на Културолошките студии при Институтот за македонска литература при УКИМ.
Нејзини поважни самостојни изложби се „Кула на Мостот“, „Внатрешно Сонце“, „Езеро Мое“, „Возвишена Убавина“ и „Духовното во апстрактното сликарство“, изложба и промоција на нејзината книга во Галеријата Метаноја, Скопје (2023). Учествувала на десетина перформанси, изложби и сликање мурали со групата „Зеро“ и на многу други групни изложби. Во периодот од 2012 година до денес има објавено повеќе од 150 текстови со теми од областа на уметноста, екологијата, естетиката, духовноста, критиката на актуелните политички случувања во Македонија и други општи теми од областа на културата.