„Слобода за Палестина“, „Запрете ја војната“, „Доста беше насилство“ – скандираа десетици граѓани на протестот за солидарност со народот на Палестина што денес се одржа пред Влада.
На протестот што се организира во знак на револт за активната војна меѓу Израел и Хамас во појасот Газа и поддршка за Палестинците, се вееја знамиња на Палестина, а демонстрантите држеа транспаренти со пораките „Стоп за убиство на бебиња“, „Против присилно иселување“, „Слободна Палестина“, „Стоп за геноцид“ и „Израел терорист“.
Беше интонирана работничката химна „Интернационалата“ на арапски, а потоа и на хебрејски јазик бидејќи, како што кажаа организаторите на протестот од Социјалниот центар Дуња, правда треба и за Палестинците и за Израелците.
„Во воените операции на израелската држава во Газа загинаа досега 12.000 луѓе од кои 5.000 се деца, 200 луѓе припадници на медицинскиот персонал и 50 новинари. Во Газа повеќе од 70 здравствени установи се вон секаква употреба, таму под урнатините луѓето немаат вода, немаат храна, немаат електрична енергија и немаат лекови. Јасно е дека до оваа катастрофа дојде после воениот судир меѓу Хамас и израелската држава. Бомбардирањето на израелската држава на цивилните цели од Палестина многу говори за односот на меѓународното право. Тоа значи дека народите коишто немаат империјалистичка поддршка како во случајот палестинскиот народ, секогаш се колатерална штета на големите гео-политички и гое-стратешки игри. Меѓународната заедница молчи пред овој Апартхејд и етничко чистење на палестинскиот народ. Затоа, ние денес цврсто стоиме до палестинскиот народ. Затоа палестинскиот народ ја има поддршката на работничката класа во целиот свет“, порача активистката Џејлан Велиу.
На мегафон се прочита и песната „Мисли на другите“ од познатиот палестински поет Махмут Дарвиш, а потоа и песната „Цеќе на слободата“ од македонскиот поет Панде Манојлов.
За време на протестот се упати и критика кон македонската Влада која гласаше воздржано за Резолуцијата на Обединетите Нации за хуманитарен прекин на огнот во Газа.
„Тоа воздржано гласање значи дека нашата влада проба да спречи донесување на резолуција за прекин на огнот. Треба да се гласа во Обединети нации за притисок врз израелскиот режим. Понатаму Владата ја има можноста да отповикување на амбасадор. Има и можност за прекин да дипломатските односи. Нужно е да се испрати хуманитарна помош која е нужно потребна таму. Таму луѓе не само што се убиваат, туку се и гладни и се жедни. Што прави нашата Влада во врска со испраќањето хуманитарна помош?“, рече активистот Здравко Савески.
View this post on Instagram
Организаторите на крајот рекоа дека ќе ја продолжат својата поддршка за палестинскиот народ.
Војната во Газа започна откако милитантната група Хамас на 7 октомври изврши воен напад врз Израел при што беа убиени повеќе од 1.200 луѓе и повеќе од 200 киднапирани. Израел возврати на нападите и оттогаш во појасот Газа се води активна војна меѓу израелската војска и Хамас во која според Министерството за здравство во Газа настрадаа 12.000 луѓе, а нивниот број постојано расте. Во меѓувреме стотици илјади луѓе низ светот протестираат во солидарност со палестинскиот народ.
Ангела Бошкоска