Русија прави напори да го означи ЛГБТ движењето како екстремистичко

Руското министерство за правда во петокот соопшти дека поднело тужба до Врховниот суд да го прогласи за незаконско, како што го нарече „меѓународното ЛГБТ јавно движење“.

Министерството информираше дека властите утврдиле „знаци и манифестации на екстремистичка природа“ во „активностите на ЛГБТ движењето“ во Русија, вклучувајќи и „поттикнување на социјален и религиски раздор во општеството“.

Оттаму не се изјаснија што подразбираат под „меѓународно ЛГБТ движење“ или како ќе се применува оваа ознака. Од Врховниот суд се очекува да ја разгледа тужбата во текот на овој месец.

Кремљ претходно ја користеше ознаката „екстремисти“ за да ги гони групите за човекови права, независните медиуми и политичката опозиција, вклучувајќи и соработници од критичарот на Кремљ, Алексеј Навални, а некои од нив добија и долги затворски казни.

Од почетокот на војната во Украина, Путин започна нови напори за да ги промовира „традиционалните вредности“ при што анти-геј реториката ја постави како еден од темелите во неговата политичка агенда. Во претходни говори, Путин го обвинуваше западот дека се „движи кон отворен сатанизам“, наведувајќи го како пример промовирање на правата на хомосексуалните и трансродовите лица во Европа.

Рускиот претседател го повтори својот презир кон ЛГБТ заедницата во неговиот говор во петокот, кога трансродовите лица ги нарече „трансформатори“

Тужбата од петокот доаѓа по неколку скорешни закони воведени за сузбивање на ЛГБТ луѓето во Русија. Претходно годинава, Путин потпиша закон што ја забранува „ЛГБТ пропагандата“ меѓу возрасните. Предлог-законот го инкриминира секој чин што се смета за обид за промовирање на како што тоа го нарекува Русија, „нетрадиционални сексуални односи“ – во филм, онлајн, во реклами или во јавно.

Последователно на тоа, московскиот театар Бољшој го исфрли од својот репертоар рускиот балетан Рудолф Нурејев, додека книжарниците и кината ги повлекоа сите содржини со ЛГБТ теми.

Во текот на летото, руските пратеници исто така ја забранија медицинската операција со која се овозможува промена на полот.

Некои од напорите на Кремљ да го задуши ЛГБТ движењето беа исмеани од критичарите поради нивното ниво на апсурдност. Минатата недела, популарниот руски телевизиски канал отстрани виножито од К-поп спот што доведе до тоа рускиот парламент официјално да прогласи дека нема никаква врска меѓу виножитото и ЛГБТ заедницата.