Најбогатите еден процент од човештвото е одговорно за повеќе јаглеродни емисии од најсиромашните 66 проценти, со опасни последици по ранливите заедници и глобалните напори да се спречат климатските промени, покажува нова сеопфатна студија за глобалните климатски нееднаквости.
Истражувањето покажува дека оваа „елитна“ група, составена од 77 милиони луѓе меѓу кои милијардери, милионери и оние кои заработуваат повеќе од 140 илјади долари годишно, биле одговорни за 16% од севкупните емисии на јаглерод диоксид во 2019 година. Тоа било доволно за да се предизвикаат повеќе од милион прекумерни смртни случаи поради топлотните бранови, покажува студијата.
Станува збор за истражување на британскиот Оксфам заедно со новинари од Гардијан, Институтот за екологија на Стокхолм и други експерти. Во истражувањето се анализираат причините и последиците на јаглеродната нееднаквост и непропорционалното влијание кое го имаат супер-богатите лица, кои во студијата се наречени „елитата загадувачи“. Климатската правда се очекува да биде високо на агендата на претстојниот климатски самит КОП28 на Обединетите Нации.
Извештајот на Оксфам покажува дека најбогатите 1% вообичаено живееле климатски-изолирани животи, а нивните емисии од 5,9 милијарди тони CO2 во 2019 година биле одговорни за огромно страдање низ светот.
Користејќи ја формулата наречена „пресметка на смртноста“, која ја користи и Американската агенција за заштита на животната средина, за секој милион тони јаглерод има 226 прекумерни смртни случаи на светот. Според пресметката на извештајот, емисиите од овој 1% најбогати може да бидат причина за повеќе од 1,3 милиони смртни случаи во следните децении.
Во периодот од 1990 до 2019 година, акумулираните емисии на најбогатите 1% биле еднакви со бришење на минатогодишната жетва на пченица во ЕУ, житото во САД, оризот во Бангладеш и сојата во Кина.
Страдањето, пак, непропорционално ги погодува луѓето кои живеат во сиромаштија, маргинализираните етнички заедници, мигрантите и жените и децата, кои живеат и работат на отворено, или пак во домови кои се ранливи на екстремното време. Овие групи имаат многу помала веројатност да имаат заштеди, осигурување или социјална заштита, што ги остава економски и физички во ризик од поплави, суши, топлотни бранови и шумски пожари. Обединетите нации велат дека 91% од смртните случаи поврзани со екстремни временски појави се случуваат во земјите во развој.
„Супер-богатите ја ограбуваат и загадуваат Планетата до точка на уништување, а цената ја плаќаат оние кои имаат најмалку“, вели Киара Лигуори, советничка за климатски политики во Оксфам, која додава дека кризите на климата и нееднаквоста се потхрануваат меѓусебно.
Студијата исто така покажува дека би биле потребни 1.500 години за некој од останатите 99% да произведат еднаква количина јаглерод колку што во една година создаваат најбогатите милијардери.
Јазот во богатството меѓу државите само делумно ја објаснува оваа разлика. Истражувањето покажува дека во 2019 година богатите држави (кои претежно се наоѓаат на северот на земјината полутопка), биле одговорни за 40% од глобалните емисии на јаглерод диоксид, додека посиромашните држави (претежно југот на Планетата) создавале незначајни 0,4%. Цела Африка, која е дом на шестина од светското население, била одговорна само за 4% од емисиите.
Сепак, нешто што помалку се дискутира, но е брзорастечки проблем, е нееднаквоста во самите држави. Милијардерите се` уште се претежно белци, мажи и живеат во САД и Европа. Но, членови на оваа влијателна класа на супер-богати можат се` повеќе да се најдат на други места низ светот. Милионерите се уште подисперзирани.
Студијата вели дека ова е лоша вест за климата на повеќе нивоа. Екстравагантниот јаглероден отпечаток на најбогатите 0,1% – од суперјахтите, приватните авиони и луксузните вили, до летовите во вселената и бункерите за „крајот на светот“ – е 77 пати повисока од највисокото ниво со кое глобалното загревање ќе се задржи на 1,5 степени целзиусови над пред-индустриските нивоа на температури.
Од Оксфам повикуваат на многу високи даноци за богатството на супер-богатите лица, како и даноци преку кои компаниите кои се бават со фосилни горива ќе даваат поддршка на најпогодените заедници, ќе се намали нееднаквоста и ќе се инвестира во транзиција кон обновлива енергија.
Истражувачите велат дека доколку се воведе данок од 60% на пригодите на најбогатите 1%, на тој начин би се прибрале 6,4 трилиони долари годишно со што би се намалиле емисиите за 695 милиони тони, што е повеќе од јаглеродниот отпечаток на цела Велика Британија.