Во Младинскиот културен центар (МКЦ) во Галерија 2 вечерва (понеделник, 20 ноември) од 20 часот ќе биде отворена изложбата „Нова перспектива / ’Трансформер’ продукција“ – замислена како заеднички проект на ликовните уметници Елизабета Тошевска и Анета Стојчевска, во кој, секоја со свој уметнички израз и визуелна перцепција на уметничкото дело – скулптура, претставува нови поинакви трансформирани видувања на мотиви/форми/принципи користени низ историјата на уметноста.
Проф. д-р Трајче Стојанов, естетичар, кој го пишува текстот за изложбата, вели дека идејата да се пристапи на еден феномен од две различни перспективи ја чини оваа изложба уникатна не само во формална, туку и во суштинска смисла.
„Елизабета Тошевска ја истражува женската фигура и воопшто жената низ времето и не запознава со внатрешното длабокото -јас. Таа, преку делата ни прикажува интимен разговор со себе но во истовреме го провоцира и поттикнува набљудувачот на размислување за времето што непрекинато изминува покрај нас и како неосетно остава траги на нашата личност“, стои во текстот на Стојанов.
Додека, Анета Стојчевска инспирана од ликовната уметница Рејчел Вајтрихт и нејзиниот принцип со користење на негативи, израборува макети од огледала на нов проектиран простор-просторија, истите ги умножува со мала видлива разлика во нивните големини, доближувајќи ги до производ од сериско производство.
„Покрај заедничкиот наслов дополнително е замислено користење на одделни наслови и поднаслови аплицирани-испишани кај фотографиите од скулптурите на Елизабета Тошевска и кај скиците плановите на Анета Стојчевска, поставени во простор визуелно физички одделен од просторот во кој би биле поставени: скулптурите и 3Д макетите од огледала“, се вели во најавата за изложбата.