Фотографија со превртен автомобил денеска се шири по социјалните мрежи, откако се случи нова сообраќајна несреќа близу основното училиште „Љубен Лапе“ во општина Аеродром.
Се работи за улицата „Васко Карангелевски“, чија реконструкција долг период е мета на критики од повеќе локалци и активисти, а денеска повторно реагираше и Марјан Лазаревски.
Тој како жител на Аеродром беше меѓу првите што објави за сообраќајката, апелирајќи до сите возачи, пешаци и родители – да ја избегнуваат „Васко Карангелевски“ додека не се исправат сите неправилности.
„Апел до властите – затворете ја улицата додека не настрада некое дете! Град Скопје, oва не е булевер, ова не е ни улица, ова е кланица. Со што заслуживме ваков инженерски кикс на 20 метра пред училиште? Втора (евидентирана) сообраќајка во само неколку дена. Ве молам, споделувајте и давајте идеи како да побрзо го средиме овој хорор“, реагираше Лазаревски на Фејсбук.
Веднаш стигна реакција и од иницијативата НаТочак. Оттаму велат, ако возачот ја почитувал брзината од 50 километри на час, не можело вака да се преврти автомобилот.
„Овој булевар е пуштен во употреба пред помалку од две недели (околу 9 ноември 2023). Во две недели сведоци сме на две сериозни сообраќајни судири. Можеби има повеќе. Пред да ја прошират улицата овде можеби имало судири, но никој толку сериозен за да се преврти возило“, забележуваат вело-активистите.
За ризикот дека ќе дојде до ова, посочуваат тие, беа предупредувани планерите и градоначалниците во последните 10 години. Според НаТочак, тие свесно одлучиле да проектираат и одобрат ваков дизајн на улици.
„Знаеја дека ќе дојде до ова но решија да го направат вака за политички поени, задоволување на нивните бизнис соработници и за развојот на автоцентричното планирање на градот. Свесно одлучија да направат булевар по кој ќе се вози пребрзо наместо да обезбедат безбедни улици околу основно училиште. Сите ја носат одговорноста што добивме ваков булевар. Штетата е направена. Зеленилото е заменето со асфалт. Но не е прекасно Градот да прифати дека направиле грешка, да го промени дизајнот и да го спречи ова од повторување“, потенцираат од НаТочак.
За нив нема сомнеж дека прешироки коловозни ленти „канат“ брзо возење. Оттука, вело-активистите се на ставот дека лентите може да се стеснат, дури и да се „дедицираат“ за посебен сообраќај, автобуси, споделување превоз и било што што би ги спречило возачите да возат брзо и „цик-цак“ низ коловозните ленти.
„Може да се постават фиксни успорувачи како легнати полицајци, кренати пешачки премини, а и микро кружен тек кој ќе ги приморува возачите да успорат на кривината. Има уште многу решенија за кои градските власти може да се одлучат. Одлуката да не се смири сообраќајот е одлука да се стават децата на отстрел“, реагира НаТочак.
Со реакција исто така се јави и Општина Аеродром. Бара Град Скопје да ги преземе неопходните мерки за подигнување на безбедноста на улицата „Васко Карангелевски“.
Општинарите тврдат дека по реакциите од аеродромци, пензионери, вработените и родителите на децата кои учат во ООУ „Љубен Лапе“, тие веќе на неколку наврати оствариле комуникација со градската администрација за да се надмине проблемот.
„Безбедноста на граѓаните е најважна и токму поради уште еднаш апелираме и бараме Министерството за внатрешни работи, Градот Скопје и градската администрација да преземат соодветни мерки за ревидирање на сообраќајното решение за улицата ‘Васко Карангелевски’, во насока на поставување на соодветна сигнализација со која се гарантира безбедноста на пешаците и останатите учесници во сообраќајот“, стои во соопштението на Општина Аеродром.
Од таму велат дека реализацијата на проектот за „Васко Карангелевски“ е целосна ингеренција на Градот Скопје, а Општина Аеродром нема никаква надлежност во однос на сообраќајниот проект и сообраќајната сигнализација.
„Во таа насока Општина Аеродром, во текот на денешниот ден, уште еднаш со писмено барање ќе побара надлежните институции да ги преземат потребните активности за решавање на овој проблем“, соопштува Општина Аеродром.
Инаку, првите поизразени критики за овој потег во скопската општина дојдоа во 2021 година. Тогаш жители на Аеродром и активисти за животна средина излегоа на протест против сеча на дрвата на „Васко Карангелевски“, откако таму стигна механизацијата за да ја проширува улицата.
Протестите продолжија и лани откако се смени градската власт. Локалците со јавен допис, објавен и на платформата МојГрад, се противеа на проширување, уништување на зеленилото и загрозување на безбедноста на децата. Дописот стигна и до советниците на Град Скопје, како и советниците на Општина Аеродром. На јавните реакции и протести активно се вклучија и од Зелен Хуман Град.
Меѓувремено, градоначалничката Данела Арсовска уверуваше дека „се направи промена на планот како да се зачува дрворедот“, а реконструкцијата на овој потег „е на барање на голем број граѓани и со решението би го растеретило сообраќајот“.
Вредноста на улицата, како што изјави Арсовска, е 77.5 милиони денари.
Бојан Шашевски
Насловната фотографија е преземена со одобрение на авторот Марјан Лазаревски