Вработените во ОпенАИ повикаа управниот одбор на компанијата за вештачка интелигенција да поднесат оставки по ненадејниот отказ кој му беше врачен на поранешниот директор Сем Алтман.
Во писмо до одборот, вработените пишуваат дека се сомневаат во способностите на управниот одбор и ги обвинуваат за нанесување штета на работата на компанијата. Тие исто така бараат Алтман повторно да се врати на директорското место.
Писмото е потпишано од стотици вработени во компанијата, кои велат дека доколку не им се исполнат нивните барања ќе поднесат отказ.
Сепак, Алтман веќе прифати нова позиција во Мајкрософт, компанијата која е голем инвеститор во ОпенАИ.
Алтман заедно со директорката на Мајкрософт Сатја Надела, велат дека успехот на ОпенАИ е од клучна важност.
„Главниот приоритет за мене и за Сатја останува обезбедувањето дека ОпенАИ ќе продолжи да расте. Посветени сме да обезбедиме непречено функционирање на нашите партнери и корисници. Партнерството меѓу ОпенАИ и Мајкрософт ова го прави многу полесно“, напиша на X (Твитер) Алтман.
Отказот на човекот кој се смета за еден од главните ликови во вештачката интелигенција (ВИ) го шокираше технолошкиот свет во петокот.
Во меѓувреме на чело на ОпенАИ привремено е поставен поранешниот директор на Твич, Емет Шир, кој напиша дека „оваа можност се укажува еднаш во животот“. Сепак Шир додава дека отказот на Алтман бил изведен многу лошо и дека „сериозно ја разнишал довербата во компанијата“.
38-годишниот Алтман, кој е еден од основачите на ОпенАИ, кои се најпознати по создавањето на популарниот бот ChatGPT, стана еден од највлијателните ликови во брзорастечкиот ВИ свет.
Во соопштението во петокот од компанијата известија дека Алтман добил отказ поради тоа што не бил секогаш искрен при комуникацијата со управниот одбор, но без да наведат конкретно за што точно станува збор.