„Долгогодишната градежна експанзија го ‘јаде’ јавниот простор во Скопје и неповратно му го менува ликот. Зелените површини се жртвуваат за станбени комплекси, а културното наследство се задушува со катни гаражи и трговски центри. За среќа, градот крие многу заборавени места кои имаат потенцијал да прераснат во нови градски оази. Тоа се напуштените објекти од минатиот век – поранешните културни, административни и индустриски центри – кои би можеле да добијат нови функции и да се приспособат на модерното време, без да го загубат својот некогашен шарм“.
Вака „Културно Ехо“ и „Стартап Македонија“ минатата недела ja промовираа својата иницијатива за младински хибридни центри, со кои би се осовремениле напуштените објекти – и институции – со тоа што би биле спој на култура со научно-технолошки развој и претприемништво.
Воедно, кај младите да се поттикнува иновативност, одржлив развој и еколошка одговорност. Притоа, да се користат рециклирани материјали и енергетски ефикасни уреди.
Од „Културно ехо“ за Радио МОФ велат дека идејата потекнува од проектот „Напуштени можности“ и иницијативата за пренемена на фабриката „Купрум“ во студентски град.
Сега, пак, како предлог за младински хибриден центар е дадена Шалтер салата на Поштата, изградена од Јанко Константинов во 1973 година, која потоа изгоре во големиот пожар во 2013 година. Таа долго време чека обнова или (нова) функција, додека изминативе години се најде и на листата на 7-те најзагрозени споменици и локалитети со наследство во Европа.
„Поштата е само еден предлог за младински хибриден центар. Еден ваков центар би се реализирал по принципот на Културно-социјалниот простор (КСП) Центар-Јадро во Општина Центар“, вели новоизбраната претседателка на „Културно ехо“, Дафина Шекутковска.
Се работи за моделот на цивилно-јавно партнерство. Така функционира и „Погон“ во Загреб. Тој оперира со неколку милтифунционални простори. Од една страна основач е невладиниот културен сектор, од друга страна е поддршката од општината.
Ова значи, властите го обезбедуваат просторот и ги покриваат трошоците за комуналии, а културните работници и активистите – програмата и нејзино осмислување.
„Центарот би ги следел принципите на партиципативност на заедницата, одржливост, транспарентност, демократија и инклузивност. Значи, ќе нуди постојано вмрежување меѓу независниот културен сектор, неформалното образование и младата бизнис заедница“, посочува Шекутковска.
Содржински гледано, еден младински хибриден центар би се состоел од повеќе целини. Би имал т.н. „green tech center“, претприемачки центар во кој ќе може да се сретнат младите со претставници на бизнис секторот, да ги развиваат своите вештини и да прават прототипови на производи.
„Тој треба да се состои од ‘food tech lab’, тоа е лабораторија со кујна за развој и едукација на прехрамбена технологија и поддршка на прехрамбени продукти“, посочува Шекутковска.
Меѓу другите содржини во претприемачкиот центар се и т.н. „hub lab“, но и „high tech lab“ – просторија опремена за гејминг и виртуелна реалност, како и „coworking hub“ и библиотека за млади претприемачи.
„Вториот дел од посебните целини е мултифункционална сала во која би се одвивале предавања, проекции, презентации, изложби, перформанси, работилници, културно-уметнички, бизнис настани… Исто така, друга целина ни е отворен парк, ова ќе биде реализирано доколку дозволува просторот. Замислен е како простор од отворен тип, за користење на целото население, за да комуницираат, но и заеднички да креираат и реализираат работи. Би содржел летна бина за музички и сценски настапи, ботаничко уредување, летно кино и театар. Исто така и отворен пазар за иновативни производи од млади бизниси и производи од локалното население“, вели Шекутковска од „Културно ехо“, дополнувајќи дека, меѓу другото, замислена е и урбана градина со центар за рециклирање, компостирање, одгледување растенија за поддршка на урбаното градинарство.
Идејата за хибридните младински центри дошла по анализи кои покажале дека во Македонија недостасуваат вакви понуди за младите – ем неформална едукација, ем критичко размислување, ем компетитвност и претприемништво. Плус отворен пристап кон цела заедница.
Засега, иницијативата во јуни годинава доби зелено светло на седница на Влада. Властите соопштија дека центрите би претставувале мешовита установа меѓу Владата и двете организации, која „ќе придонесе кон афирмирање и употребување на капацитетот на младите луѓе, нивните идеи и креативност, како одраз на заложбите на Владата за задржување на успешните кадри во нашата земја, преку можностите да ги реализираат своите капацитети во државата, какви што примери има во Љубљана, Тирана, Стразбур, Приштина“.
Организациите чекаат колку и како преку буџетот би се поддржале ваквите младински центри.
Бојан Шашевски