Израел го одобри договорот за четиридневно примирје на војната во Газа, во кој е вклучено и ослободување на дел од заложниците кои ги држеше Хамас, како и пуштање на палестински затвореници од страна на Израел.
Договорот доаѓа по повеќенеделната жестока војна, но и двете страни велат дека борбите ќе продолжат по истекот на примирјето.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху синоќа изјави дека договорот за ослободување на заложниците е „исправна одлука“ пред состанок на владиниот кабинет.
„Владата ја одобри првата фаза од договорот, според кој најмалку 50 заложници, жени и деца, ќе бидат ослободени во четирите дена во кои нема да има воени дејствија“, стои во соопштението за јавност од израелската Влада.
Примирјето утрово го поздрави и Европската Унија, а претседателката на Европската комиија, Урусла Фон Дер Лајен повика да се засили хуманитарната помош.
Договорот бил постигнат со посредство на Катар, Египет и САД. Од Катарското Министерство за надворешни работи потврдија дека прекинот на огнот треба да започне во следните 24 часа и ќе трае четири дена, со можност за продолжување.
При нападот од милитантната група Хамас врз Израел на 7 октомври, кој беше повод за војната во Газа, беа убиени 1.200 луѓе, а околу 240 Израелци и странски државјани беа киднапирани и се држат како заложници.