Лекот „Трикафта“ ќе се набавува со дополнителни 100 милиони денари

Одобрени се 100 милиони денари за обезбедување на лекот „Kaftrio“ во комбинација со „Kalydeco“ на дополнителни пациенти со цистична фиброза, информираа од Министерството за здравство (МЗ).

Оттаму истакнуваат дека целата количина на лекот (Трикафта) се очекува да биде испорачана во првата половина на декември оваа година.

Од МЗ посочуваат дека Универзитетската клиника за детски болести добила согласност од Министерството за здравство, Фондот за здравствено осигурување и Бирото за јавни набавки да спроведе итна постапка со директни преговори со овластениот дистрибутер на Вертекс.

Од детската клиника којашто треба да го набави лекот потенцираат дека на 21 ноември е потпишан договорот помеѓу директорите на Клиниката и Алкалоид Конс.

„Со 102 тераписки режими ќе бидат покриени досегашните 12 пациенти кои веќе го примаат лекот за уште два месеци (до април 2024), но лек ќе има и за дополнителни пациенти што ги исполнуваат критериумите за „Kaftrio“ во комбинација со „Kalydeco“, велат од Клиниката.

Во 2023 година со условен буџет на Клиниката за детски болести се обезбеди и се започна терапија кај 12 пациенти со цистична фиброза.