Утринава стапи на сила четиридневното примирје помеѓу Израел и Хамас во Појасот Газа, а попладнево ќе бидат ослободени 13 заложници, пренесува Н1.
Катар, заедно со Египет и САД, посредуваа за договор за прекин на огнот врз основа на кој 50 заложници во Газа ќе бидат ослободени во замена за 150 палестински затвореници во Израел.
Примирјето првично требаше да стапи на сила во среда, но беше одложено за денеска во 7 часот по локално време. Првото ослободување на заложници – 13 жени и деца, се очекува околу 16 часот.
Хамас го потврди „целосниот прекин на воена активност“ за четири дена кога ќе бидат ослободени 50 заложници во замена за ослободување на 150 затвореници, по тројца палестински затвореници за секој ослободен заложник.
Египетски безбедносен извор за АФП изјави дека египетска безбедносна делегација ќе биде присутна во Ерусалим и Рамала за време на ослободувањето на палестинските затвореници.
Официјални лица од Израел придружувани од претставници на Црвениот крст и претставници на Египет на граничниот премин Рафа ќе ги примат заложниците ослободени од Газа, кои потоа од аеродромот Ел-Ариш ќе пристигнат во Израел.
Извор близок до Хамас пак, изјави дека на ослободувањето на заложниците нема да присуствуваат новинари.
Израелските власти во средата го примија списокот на заложници и ги известија нивните семејства. Израел објави список од вкупно 300 Палестинци кои би можеле да бидат ослободени во замената на заложници, меѓу кои се наоѓаат 33 жени и 267 помлади лица од 19 години. Меѓу нив има и 49 членови на Хамас.
Меѓународната заедница го поздрави договорот за примирје како прв чекор кон можен подолг прекин на огнот.
Во Израел, владата и војската најавија дека борбите за елиминирање на Хамас ќе продолжат на крајот на примирјето, кое може да се обновува додека не бидат ослободени сите заложници.