Специјални известувачи на Обединетите нации (ОН) ја изразија својата загриженост поради бранот напади, акти на одмазда, криминализација и санкции ширум светот против оние кои јавно изразуваат солидарност со жртвите од конфликтот меѓу Израел и Палестина, пренесува Ал Џазира Балканс.
„Повиците за прекин на насилството и нападите во Газа, или за хуманитарен прекин на огнот, критиките на политиките и акциите на израелската влада, погрешно се поистоветуваат во премногу контексти со поддршка на тероризмот или антисемитизмот. Ова ја задушува слободата на изразување, вклучително и уметничкото изразување, и создава атмосфера на страв од учество во јавниот живот“, велат од Високиот комесаријат за човекови права на ОН (УНХЦР).
Во соопштението на УНХЦР се додава дека е забележан пораст на антисемитски говор и нетолеранција кон оние кои го поддржуваат или се смета дека го поддржуваат Израел, како и кон оние кои изразуваат сочувство за страдањата на Израелците по нападите на Хамас на 7 октомври.
Експертите на ОН истакнаа дека уметниците, академиците, новинарите, активистите и спортистите се соочуваат со особено тешки последици и репресалии од државите и приватните актери поради нивната истакната улога и видливост.
„Луѓето имаат право да изразат солидарност со жртвите на тешките прекршувања на човековите права и да бараат правда, дали од едната или од другата страна, или од двете“, велат тие.
Тие, исто така, забележаа дека постои „многу вознемирувачки тренд“ пропалестинските протести да бидат криминализирани и етикетирани како „протести на омраза“ и превентивно да се забрануваат, а како причина често се наведуваат ризиците за националната безбедност, вклучително и ризиците поврзани со поттикнување омраза, а за тоа да не се даде оправдување засновано на докази.
Истовремено, тие наведуваат дека ваквите акции не само што го нарушуваат правото на протест, туку се штетни и за демократијата и напорите за градење мир.