Првата самостојна изложба на младата македонска уметница Мартина Спасовска, насловена „Гласна тишина“, ќе се отвори на 5 декември, вторник во Младинскиот културен центар (МКЦ).
Со почеток во 20 часот, јавноста ќе има можност да проследи дела, во која уметницата прво го претставува својот лик, а потоа и други женски ликови, не како моделки, туку како катализатори на проследување на енергијата што ја чувствува и нејзино преобликување во ликовен продукт.
Историчарот на уметност Горанчо Ѓорѓиевски вели дека Спасовска во делата што ги создава ги надминува границите на едноставен портрет, па сликата оди подлабоко од претставената индивидуа, служејќи како потресна претстава на човековото искуство и соочување со актуелните прашања на нашето време.
„Преку портретните наративи навлегува длабоко во темите на ранливоста, силата и потенцијалите за трансформација кои битисуваат во сите нас. Поканува на отворен дијалог и интроспекција и ги соочува гледачите со колективните рани и болки што постојат во нас и во нашиот заеднички свет. Притоа, поттикнува подлабоко разбирање на сложеноста на нашето постоење и потенцијалот за посочувствителна и похармонична иднина“, посочува Ѓорѓиевски.
Мартина Спасовска, родена 1997 во Куманово, е млада визуелна уметница со седиште во Скопје, Македонија. Дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје. Таа го истражува и користи човечкото месо како главен елемент во нејзините дела, преку кои поставува повеќе прашања за начинот на кој е претставен човечкиот идентитет. Делата ги третира со сложена мешавина на страв, емпатија, деликатност, ранливост и моќ. Таа има изложувано на неколку групни изложби во Македонија, Њујорк, Австрија, Грција, Косово и Турција.