Поради немање кворум се откажа Вонредно изборно собрание на Друштвото на писатели на Македонија (ДПМ) на кое требаше да се избере ново раководство на организацијата.
Како што соопштија од ДПМ, од вкупно 286 члена присутни биле само 73 члена на Друштвото, а за кворум потребно било присуство од 96 члена.
Претседателката на Собранието на ДПМ извести дека нова седница е закажана за 27 јануари идната година. Кандидатите за претседател остануваат исти – Блаже Миневски и Мирче Нешовски, додека за претседател на Собранието на ДПМ во трка се Иван Антоновски и Стефан Марковски.
Во ДПМ последниов период е доста турбулентен, а проблемите ескалираа на почетокот на октомври, кога поради револот кај членството дотогашниот претседател Христо Петрески поднесе неотповиклива оставка од функцијата. Тогаш осум членови на Претседателството на ДПМ поднесоа оставка, со образложение дека се одлучиле на таков чекор поради непочитување на статутот на Друштвото и манипулирање со одлуките на Претседателството од страна на претседателот Петрески.
Неколку дена подоцна Петрески ја повлече оставката, па дури беа променети и претходни статуси на социјалните мрежи со бришење на зборот „неотповиклива“ од оставката, што повторно наиде на лавина критики од дел од македонските писатели. На 17 октомври Петрески по вторпат поднесе оставка, а тогаш и беше закажана изборната седница за 25 ноември.
Друштвото на писателите на Македонија е формирано во 1947 година. За прв претседател беше избран Блаже Конески, а низ годините Друштвото го предводеле и други славни македонски писатели како Ацо Шопов, Славко Јаневски, Коле Чашуле или Петре М. Андреевски.