„Траума и театар: Горан Стефановски“, – новата книга на Мишел Павловски ќе биде промовирана денес, на 29 ноември во Културно информативен центар (КИЦ). Со почеток во 10 часот, промотори на делотоо ќе бидат Емил Ниами и Мишел Павловски.
Книгата „ Траума и театар: Горан Стефановски“ на Павловски се бави со три исклучително значајни теми: културната траума, идентитетите и со театарот на големиот македонски драмски автор Горан Стефановски.
„Имено – со театарот на Стефановски, бидејќи Мишел Павловски не го анализира и не го обработува само драмскиот текст на Стефановски туку драмите ги разгледува во нивоата севкупност со театарската претстава. Ова е една важна карактеристика на трудот на Павловски: театролошкиот пристап во обработката на темата. Втората значајна карактеристика на ракописот на Павловски е културолошкиот пристап кој е присутен низ целиот ракопис и кој му дава белег на ова дело. На тој начин, комбинирајќи ги теоретските и методолошките премиси на културологијата и театрологијата, Павловски создава оригинално, сериозно и пред сè и над сè квалитетно дело кое се базира на цврсти и современи теоретски основи“, посочуваат организаторите.
Мишел Павловски е редовен професор по културолошки студии на Институтот за македонска литература при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје. Неговото поле на истражување вклучува културолошки студии, студии за медиумите и студии за театарот. Раководител и главен истражувач во проектот „Македонската литературна дата база“. Главен и одговорен уредник на меѓународното научно списание „Спектар“(2010-2012). Еден од оснивачите и член на Редакцијата на меѓународното научно списание Култура/Culture.
Ги има објавено следните трудови: Од првична идеја до држава (заедно со Јован Павловски, 1993), Македонија: вчера и денес (заедно со Јован Павловски, 1996), Чиста игра: биомеханиката во режисерскиот систем на В. Е. Мејерхољд (1998), Театарот и митот (2005) и Тесписовите светови (2014). Член на Друштвото на писателите на Македонија. Член на претседателството на ДПМ и негов секретар за внатрешни активности. Мишел Павловски е добитник на наградата „Мито Хаџи Василев-Јасмин“ за книгата Македонија: вчера и денес (заедно со Јован Павловски, 1997) и колективната награда за наука „Гоце Делчев“ за проектот „Театарот на македонска почва“ (2003).