Словенечката Влада почна да ги враќа парите на илјадниците граѓани кои добиле казна за прекршување на мерките за носење маски или социјално дистанцирање за време на пандемијата со КОВИД-19.
Целосниот износ на казни поврзани со овие прекршоци во периодот од март 2020 до мај 2022 бил околу 5,7 милиони евра. Според новиот закон, на иницијатива на Владата од левиот-центар, 1,7 милиони евра од овие парични казни ќе бидат рефундирани.
Истовремено сите овие прекршоци ќе бидат избришани од досиејата на граѓаните, а ќе се стопираат и било какви понатамошни процеси поврзани со плаќање на казните.
Меѓу десетиците луѓе на кои ќе им бидат вратени парите се наоѓа и еден доставувач кој своевремено стана национална вест кога беше фотографиран, опколен од полиција, откако ја спуштил заштитната маска за да јаде оброк на отворено без луѓе во негова непосредна близина. Оваа слика на човекот, кој за тој прекршок беше казнет со 400 евра, разлути многу Словенци, кои сметаа дека полициското спроведување на мерките за карантин се престроги.
Законот, кој беше усвоен во септември, според актуелната министерка за правда Доминика Шварц Пипан, е посебно направен за да се рефундираат токму овие луѓе кои биле казнети од ваквото престрого спроведување на мерките од страна на претходната Влада.
Како и многу други држави низ светот и во Словенија имаше протести против дел од строгите мерки во пандемијата. Меѓу мерките кои ги донесе претходната десничарска Влада беа ограничување на движењето и собирањето, како и задолжително носење маска на отворен простор.