Корисни ресурси и за граѓаните и за компаниите, организациите и институциите кои обработуваат лични податоци, одговори на често поставувани прашања поврзани со заштита на личните податоци во различни животни ситуации, како и проверка на различни аспекти од системот за заштита на лични податоци.
Ова се само дел од работите кои ги нуди новата алатка – веб-страница, која вчера беше промовирана по повод 30-ти ноември, Меѓународниот ден за компјутерска безбедност, од страна на Фондација Метаморфозис заедно со Агенцијата за заштита на лични податоци, пренесе Мета.мк.
На презентацијата на оваа корисна алатка за граѓаните, институциите и компаниите, Елвис Али, програмски менаџер на Делегацијата на Европската Унија во Скопје рече дека на овој начин ќе можат да се добијат голем корисни информации за тоа како да се заштитат личните податоци.
„Ова дотолку повеќе што со развојот на технологијата, точно дека ќе имаме големи придобивки, но ќе имаме и големи проблеми за кои ни треба заштита и превенција“, изјави Али.
Емилија Гиновска, советник за информирање во Агенцијата за заштита на лични подароци изрази задоволство од соработката со Метаморфозис на редовна основа, што впрочем се покажува и од овој последен продукт.
„Потсетуваме дека во случај на прекршување на заштитата на личните податоци, граѓаните и институциите можат во рок од 72 часа да ја известат агенцијата. Нарушувањето на безбедноста на личните податоци е и безбедносен инцидент. Впрочем, минатата година, иако бевме свесни за хакерските напади кои ги претрпеа институциите, сепак во Агенциијата стигнаа само 20 укажувања, што значи дека кај нас има ниска свест за пријавување на овие проблеми“, рече Гиновска и потсети дека Агенцијата има водич за лични податоци, со цел институциите да се запознаат како да изготват планови и постапки, да проценат дали има ризици за физичките лица, а воедно нуди и образовна компонента и информации за физичките лица.
Гиновска упати препорака до сите институции да работат на подигање на свеста кај вработените во однос на безбедноста на личните податоци и апелираше тие да ја обноват информатичката структура за да не бидат лесен плен на хакерски напади.
Весна Радиновска, раководител на проекти во Фондација Метаморфозис детално ја претстави алатката. Веб-страницата е изработена на македонски и на албански јазик. Ресурсите што ги нуди се поделени на два дела – за офицери и ресурси за граѓани, а истата содржи и видеа, визуелизации, водичи, но и методологии кои ќе помогнат граѓаните и офицерите за подобро да се запознаат. Преку оваа алатка можат да се постават и прашања (на пример, „немам пристап до мојата сметка“), а самата платформа ќе генерира прашања со цел да ги доведе граѓаните до вистинското решение. Покрај ресурси, веб-страницата обезбедува и можност за тестирање на знаењето од областа на заштитата на личните податоци.
Веб-страницата е развиена од Фондација Метаморфозис, во рамки на проектот „Техничка и интегрирана заштита на лични податоци, градење инклузивен дигитален екосистем“, поддржан од Европската унија, како интегрален дел од веб-страницата на Агенцијата за заштита на лични податоци.
Истата е достапна на македонски и албански јазик преку следниот линк: https://e-ucilnica.azlp.mk/.
Извор: Мета.мк.