Канада и „Гугл“ постигнаа договор со кој нема да се отстранат линковите од вестите и тие ќе бидат достапни при пребарувањето. Со оваа одлука, „Гугл“ треба да исплати 73 милиони американски долари годишно на медиумите во земјата.
Со одлуката се решава спорот помеѓу „Гугл“ и Канада, односно канадскиот Закон за онлајн вести, според кој големите интернет компании треба да ја поделат заработката од рекламирањето со медиумите во земјата.
„По повеќенеделна дискусија, најдовме согласност со Гугл за воведувањето на Законот за онлајн вести“, изјави канадската министерка за наследство Паскал Сент-Онг.
Канадскиот Закон за онлајн вести, е дел од глобален тренд според кој интернет и технолошките компании треба да платат за вести, а е изгласан во јуни, па канадската влада ги финализира одлуките кои треба да се официјализираат до 19 декемви годинава.
Како дел од договорот со Канада, „Гугл“ годишно ќе исплаќа 73 милиони американски долари, поради инфлацијата, на медиумите, а компанијата ќе добие можност да избере еден колектив за префрлување на средствата.
„Гугл“ претходно се закани дека ќе ги исфрли линковите со вести од својот пребарувач, велејќи дека канадскиот закон е поригорозен од оние во Европа и Австралија.
„’Гугл’ се согласи да ги поддржи новинарите, вклучувајќи го и локалното новинарство. ‘Мета’, за жал, продолжува да ја избегнува одговорноста кон демократските институции“, изјави канадскиот премиер, Џастин Трудо.
Компанијата „Мета“ во чие сопствеништво се Фејсбук и Инстаграм, веќе ја тргна можноста за споделување вести на Фејсбук и Инстахрам на територијата на Канада. Таквата одлука отвори неколкумесечен спор со големите канадски медиуми, а ги задуши помалите, но релевантни канадски онлајн портали
Според Сент-Онг, договорот со Гугл покажува дека новиот закон функционира и ја повика „Мета“ да ја објасни својата одлука за блокирањето на споделувањето вести во Канада.
Минатиот месец „Гугл“ постигна договор да плаќа на група германски издавачи 3,2 милиони евра (3,5 милиони долари) годишно за објавување на нивните вести.
Во меѓувреме, одлуката на Мета останува непроменета, се вели во соопштението на компанијата.
„Одамна ни е јасно дека единствениот начин на кој може разумно да се усогласиме со Законот за онлајн вести е да ја прекинеме достапноста на вестите за луѓето во Канада“, изјави портпарол на компанијата.
Законот во Канада беше воведен по жалбите од канадската медиумска индустрија, која сака построга регулација на технолошките компании, со цел спречување на високата конкурентност помеѓу медиумите и технолошките компании кога станува збор за онлајн рекламирањето.