„Поп мај корн” е резултат на иницијативата на новиот уметнички колектив составен од Адријана Данчевска, Дејан Битровски и Ивана Балабанова, именуван „Танц Бункер 01“, од каде посочуваат дека „Јадеме пуканки заедно затоа што гледање перформанс е исто кул како и филм!“
„’Поп мај корн’“ не е само уште еден фестивал за уметност, не е само уште една платформа за изведба, туку е обид за препознавање на сè уште младите, а веќе афирмирани уметници, како и за активирање на сцената за промовирање на нов израз! ‘Поп мај корн’ е и обид за еманципирање на локалната публика кон нови современи движења и отворање кон нови пристапи во пласман на современи дела“, велат организаторите.
Од „Танц Бункер 01“ велат дека новиот фестивал цели кон сплотување на современата уметничка сцена и креирање нови модели на соработка, па оттаму „Поп мај корн“ е протест, крик, мозаик на индивидуални изрази и нов пристап кон ко-креација на повеќе уметници, како и зачеток на нови соработки промовирајќи сплотеност, здруженост и креативна акција.
Овојпат програмата ги сплотува јазиците на современиот танц, визуелната уметност и електронскиот звук со соработките на неколку уметници – Ивана Мирчевска, Елена Чемерска, Ивана Мојсовска Головска, тројцата кореографи Ивана, Дејан и Адријана и звуците на Херцел и Алесандро Ола.
Дводневната фестивалска програма ќе биде најавена со диџеј сет на Nastasyakish, кој ќе се случи денес, на 30 ноември, со почеток во 21 часот, во скопскиот локал „Котур“.
Фестивалот официјално ќе биде отворен на 2 декември, сабота, во Мултимедијален Центар Мала Станица.
Со почеток во 20 и 30 часот, посетителите ќе може да ја проследат уметничката инсталација “Boiling Bodies“ на уметниците Елена Чемерска и Ивана Мирчевска, како и изложбата на избрани дела „Сè ќе биде добро“ на Ивана Мојсовска.
Дополнително, посетителите ќе може да ги проследат танцовите перформанси “Tears of a clown” од Адријана Данчевска, “The Baron” од Дејан Битровски и “My blood, my politics” од Ивана Балабанова.
Првата фестивалска вечер ќе биде заокружена со диџеј сет на Херцел со почеток во 22 часот во „Котур“.
За вториот ден од фестивалот, 3 декември, се предвидени две работилници за танц со Дејан Битриковски, односно Ивана Балабанова. Работилниците „Тело во движење“ ќе се одржат во Националната опера и балет, со почеток во 10 часот.
Сите заинтересирани треба да го пополнат формуларот за присуство.
Влезниците ќе бидат достапни наскоро на kupikartizase.com.