Станарите сместени во студентскиот дом „Гоце Делчев“ во Скопје дневно искачуваат стотици скалила за да стигнат до своите соби. Сите осум лифта во четирите згради од овој дом се исклучени и надвор од употреба, што ја нарушува секојдневната рутина на студентите, предизвикувајќи им фрустрации и непријатности. Студентите алармираат лифтовите да бидат пуштени во функција што поскоро за да можат лесно и безбедно да се движат низ катовите на зградите, пишува Мета.мк.
„Лифтот не работи“.
Вакви известувања, испечатени или напишани рачно, може да се најдат залепени на сите врати од лифтовите што се наоѓаат на приземје во блоковите во „Гоце Делчев“. Во секоја од четирите згради во овој дом има по два лифта, иако во моментов ниту еден не е во употреба поради истечени безбедносни сертификати. Процедурата за стекнување со нови, пак, сè уште не е завршена и поради тоа користењето на лифтовите во моментов е оневозможено.
Сертификатите за безбедност, наводно, истекле во неделата, на 26 ноември, иако повеќе студенти што се сместени во блокот „Г“ за Мета.мк тврдат дека лифтовите не функционираат многу подолго – речиси цел месец.
Заклучените лифтови за студентите значат отежнато движење низ домот, особено за оние станари кои се сместени на погорните катови. Најтешко им е на тие што живеат на најгорниот – 14 кат, кои дневно треба да поминат стотици скалила и тоа по неколку пати – за да отидат на предавање на факултет или пак за да се симнат на ручек или вечера во мензата.
Уште потешко им е кога ќе се вратат во домот по неколку дена поминати дома, па треба да се искачуваат со преполни и тешки куфери и торби.
„Сите доаѓаме со куфери, торби, ранци и едвај се качуваме. Доста е веќе, стварно не е во ред за нас што сме сместени на погорните катови, постојано да носиме сè на раце“, вели за Мета една од револтираните студенти сместени во домот.
„За ова треба да се алармира. Никој јавно не зборува дека зградите немаат лифтови, наводно сертификатите им истекле. Во блок ‘Г’ нема ниту еден лифт цел месец“, вели друга студентка.
Мета.мк денеска ги посети сите четири блока – А, Б, В и Г во студентскиот дом „Гоце Делчев“. Вработените во домот потврдија дека лифтовите се надвор од функција со денови.
Се обративме и до управата на Државниот студентски дом Скопје (ДСД Скопје) под чија капа е „Гоце“, со прашања за причините поради кои лифтовите не се во функција, но и за тоа кога би се очекувало истите да продолжат да работат под нормални околности.
Од ДСД Скопје велат дека во сите блокови има најмалку по еден функционален лифт, но поради „безбедносни причини“, лифтовите се исклучени.
„Во моментот има најмалку по еден функционален лифт во сите блокови од СД Гоце Делчев. Меѓутоа, сертификатите на сите лифтови се истечени на 26.11.2023 и се работи на редовната годишна сертификација која треба да биде изработена од регистрирано инспекциско тело за лифтови, во посредство со компанијата задолжена за сервисирање на истите. Затоа, поради безбедносни причини лифтовите се исклучени од наша страна“, се вели во одговорот од Државниот студентски дом Скопје.
Од таму велат дека се очекува проверките на лифтовите од надлежните тела да започнат веќе од следната недела, по што би ги добиле и безбедносните сертификати.
„Веќе од вторник (05.12.2023) ќе ги имаме првите сертификати и лифтовите ќе бидат пуштани во употреба еден по еден“, додаваат во својот одговор од управата на „Гоце Делчев“.
Налепниците во лифтовите во блокот „А“ што ги погледнавме, покажуваат дека сертификатот има траење до ноември 2023 година, иако точниот датум не е прецизиран. Според информациите што ги добивме, за фирма што треба да ги „обнови“ безбедносните сертификати е избрана компанијата „Дакалифт“.
Сертификати, сепак, може да добијат само оние лифтови кои во моментов се функционални, а во функција се само дел. Тоа значи дека во најмалку две од зградите – блоковите „Б“ и „В“, ќе продолжи да функционира само по еден лифт, поради тоа што другите лифтови имаат и други проблеми поради кои нема да може да се користат.
Дел од студентите со кои поразговаравме во дворот на „Гоце Делчев“ велат дека се навикнати лифтовите да не функционираат или пак да функционира само еден и оти тоа било случај и минатата академска година.
„Навикнати сме на ваква ситуација, со години функционира само по еден лифт во блоковите“, велат студенти кои ни рекоа дека престојуваат во домот неколку години по ред.
За сместување во домот „Гоце Делчев“, за студентите кои не се ослободени од плаќање, месечната партиципација изнесува 3.645 денари, а останатиот дел го покрива државата.
Извор: Мета.мк