Откако аерозагадувањето во Струмица два дена по ред го надмина максималниот праг од 150 микрограми на метар кубен ПМ-10 честички, по автоматизам стапија на сила препораките и мерките при високото загадување на воздухот.
Министерството за животна средина и Министерството за здравство се должни да препорачаат сите работодавци да ги ослободат од работа бремените жени, лицата постари од 60 години, како и лицата со хронична астма, миокарден инфаркт или мозочен удар. Дополнително, се препорачува сите компании да го реорганизираат работното време и лицата кои работат на отворено да работат од 11 до 17 часот.
Владата мора да ги задолжи сите државни органи за 50% да ја намалат употребата на службените возила, како и да ограничи градежни работи.
Државниот инспекторат за животна средина, пак, треба да започне со зачестена контрола на инсталациите со А дозвола, а Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) да препорача на овие инсталации да го намалат капацитетот на производство до 50%.
Според податоците на МЖСПП на 31 ноември во Струмица биле измерени 156mg/m3 ПМ-10 суспендирани честички, додека на 1 декември загадувањето било уште поголемо и изнесувало 237mg/m3.
Аерозагадувањето во Струмица беше многу високо и вчера, кога мерната станица на Министерството регистрирала 243mg/m3 дневна концентрација на ПМ-10 честички.