Rockstar Games синоќа го објавија првиот трејлер за GTA VI, новата видеоигра од популарниот серијал Grand Theft Auto.
Според најавите играта се очекува да излезе во 2025 година на Плејстејшн 5 и Икс-бокс сериите S и Х. Во првичните информации не се споменува дека играта на самиот старт ќе биде достапна за корисниците на персонални компјутери.
GTA VI за првпат ќе внесе главен женски лик. Станува збор за Лусија, која според трејлерот ќе биде вклучена во многу акција и криминал заедно со уште еден машки партнер во измислениот град Вајс Сити, кој потсетува на американскиот Мајами.
Трејлерот во првите десет часа собра преку 50 милиони прегледи.
Новата игра од серијалот се очекува повеќе од 10 години. Oткако GTA V беше промовирана во 2013 година досега има продадено повеќе од 190 милиони копии, со што влезе во историјата како најпопуларна видеоигра во историјата, а досега има заработено повеќе од 7,7 милијарди долари.
Трејлерот за GTA VI беше објавен нешто порано од планираното, поради тоа што видеото првично протече на интернет. Rockstar Games веќе подолг период се бори со протечени податоци од оваа игра. Во 2022 година хакери објавија првични снимки и слики од продукцијата на новата игра за кои од компанијата потврдија дека се вистински и дека биле објавени по нелегален влез во нивните мрежни системи.