Филмот „Молкот на разумот“ на режисерката Кумјана Новакова ќе има специјална проекција на 12 декември во кино „Фросина“ во Младинскиот културен центар со почеток од 20 часот.
Станува збор за форензички видеоесеј изграден како перформативно истражување на, како што се вели во описот, првиот случај на меѓународен кривичен трибунал во кој беа донесени пресуди за воено силување како форма на тортура и за воено сексуално ропство како злосторство против човештвото.
По проекцијата на филмот следува дискусија водена од филмската критичарка Петра Метерц.
„Базиран исклучиво од форензичка визуелна архива и сведоштва, ‘Молкот на разумот’ (Silence of Reason) дејствува како меморијата: недостижна, флуидна, надвор од рамките, се движи во сите правци – просторни и временски. Искуствата на насилство и тортура врз жените од логорите за силување во Фоча за време на војната во Босна и Херцеговина стануваат наши колективни сеќавања, надминувајќи ги времето и просторот“, стои во најавата за проекцијата.
Режисерката Новакова ја доби наградата за најдобра режија на програмската секција „Envision“ на Меѓународниот фестивал на документарен филм ИДФА (IDFA) во Амстердам 2023. Филмот е добитник на наградата за човекови права на Филмскиот фестивал во Сараево 2023 и добитник на признанието најхрабар филм на Филмскиот авторски фестивал 2023 во Белград. Специјално признание доби и на Филмскиот фестивал во Торино 2023.
Покрај режијата и сценариото на филмот е на Кумјана Новакова. Монтажа е на Јелена Максимовиќ. Дизајнер на звук е Владимир Живковиќ, а графичкиот дизајн е на Елена Диновска Зарапчиев. Филмот е во продукција на Кумјана Новакова и „Медеа“, а во копродукција на „Pravo Ljudski“. VFX: Нувит Бингол.
По потекло од Југославија, Кумјана работи во областа на филмот и уметноста од 2006 година. Таа е коосновач на Филмскиот фестивал „Pravo Ljudski“ во Сараево, каде што е главна кураторка и директорка. Од 2018 до 2021 година го водела и филмското одделение на Музејот на современата уметност во Скопје – МСУ.
Како авторка, нејзиното истражување лежи помеѓу филмот и современата видеоуметност, често истражувајќи како подвижните слики се однесуваат на идентитетите, сеќавањата и колективното јас. Нејзиниот последен филм „Вознемирена земја“ (корежиран со Гилермо Карерас Канди) беше во потесниот избор за наградите на Академијата.
Работи како вонредна професорка на магистерската програма по филм на Холандската филмска академија и следи докторски студии за современи уметности и медиуми во Белград. Кумјана моментално живее меѓу Сараево и Скопје.