Оддалеченост на планетите во Сончевиот Систем, економичност на автомобил, просек на поени на кошаркарски меч, полнење на кутии во камион за селидба… Ова се дел од прашањата по математика од најновото ПИСА 2022 тестирање, кои беа поставувани на 15-годишници од 81 држава и територија низ светот, меѓу кои и во Северна Македонија.
Во задачите од учениците се бара да прочитаат одреден текст, или да проанализираат податоци, а потоа од нив се очекува да дадат одговори на поставени прашања. Дел од задачите се едноставни, но има и дел кои се навистина комплексни и бараат од учениците да го решат проблемот преку употреба на повеќе математички области.
Задачите по математика од ПИСА 2022 може да се најдат на македонски или албански јазик следниов ЛИНК и може да се решаваат преку вашиот интернет пребарувач.
На последното ПИСА тестирање, македонските средношколци повторно се најдоа во групата држави кои покажуваат најлоши резултати во математика, читање и природни науки.
Од вкупно 81 држави, провинции и територии кои беа вклучени во минатогодишното тестирање, С. Македонија се најде на 62 место во математика, на 72 место во читање и на 69 место по наука. Учениците по математика имале просечни 389 поени (просекот на ОЕЦД изнесува 472), по читање забележале 389 поени (просек на ОЕЦД е 476), а по наука постигнале 380 поени (просек на ОЕЦД е 489 поени).
Во светски рамки на врвот во сите три категории се наоѓа Сингапур, додека на првите пет места се уште Макао, Кинески Тајпеј, Јапонија и Кореја. На дното се наоѓаат учениците од Камбоџа, Парагвај и Доминиканска Република.