„Лабораториум“ – собирно место за креативци и изучување на креативата како занает

Со музика, театар изложба и едукативни дискусии, утре ќе се одржи отворен ден во новиот едукативниот културен центар „Лабораториум“.

Со Калина Дуковска и Јана Павловска, дел од тимот, поразговаравме за потребата од „Лабораториум“.  Тие идејата зад мултифункционалниот простор ја објаснуваат преку самиот ентериер – резултат на соработка и работилници со млади уметници од разни дисциплини, место каде нема само да дојдеш и да креираш нешто, туку просторот ќе го креираш со заедница која функционира во симбиоза.

Калина вели дека ги поттикнала празнината на Скопје и недостатокот на содржини кои би ги анимирале младите, како (рачна) изработка и занаетчиство.

„Од неколку такви шашави идеи, стигнавме до тоа дека е потребен нов простор кај што може да се реализираат голем број од работите за кои ние мислиме дека се важни и почнавме да бараме интересен простор. Идејата првично беше едукативна, дека фали дуално образование во системот, каде што не се само основните работи што ги учиме во јавното образование, бидејќи кај младите се гледа недостатокот во вештини, недостаток во познавање на различни занаети… Изумираат работите кои што се многу суштински, меѓутоа не се сметаат за интересни и атрактивни и нема начин на кој што можат да се научат“, вели таа.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Laboratorium (@lab.ratorium)

Калина дополнува дека во Скопје нема простори каде што креативците ќе можат да дојдат, да се запознаат, да седат и да креираат заедно. Таа вели дека во дискусија со уметниците, тие често ја напоменуваат потребата за простор каде ќе може да се запознаваат и да создаваат, надвор од настаните кои ги организираат, или се трудат да ги организираат низ градот.

„Претежно се места кај што луѓето можат да дојдат и да настапуваат или да изложуваат нешто, многу ретко се места каде што можат колаборативно како комуна да се состанат. На пример, постојат многу такви места за IT секторот, меѓутоа нема толку за креативни индустрии. Сметаме дека баш тие се важни за општеството, па сакаме да пробаме да направиме еден простор во кој што ќе може да се направи популаризирање на заборавените занаети“, истакнува таа.

Од тимот на „Лабораториум“ објаснуваат дека станува збор за бизнис модел кој цели да ги насочи креативците надвор од мрежата на финансирање преку грантови и да ги фокусира на создавањето како занает, но и изучување на маркетирање и продажба на креативниот производ.

Калина вели дека просторот е отворен за креативците кои сакаат својата идеја да ја разработат со помош на тимот.

Станува збор за мултифункционален простор, каде уметниците нема да се натпреваруваат меѓусебе, туку ќе биде заедница каде што тие ќе учат еден од друг и ќе создаваат менторски програми – без разлика дали станува збор за уметници, дизајнери на облека, електричари или водоводџии.

View this post on Instagram

 

A post shared by Laboratorium (@lab.ratorium)

Зборувајќи за едукативната страна, Јана забележува дека на утрешниот отворен ден, посетителите ќе слушнат мал вовед и за работилниците кои ќе се одржуваат веќе од наредната година

„Сметам дека треба да има многу повеќе простори за креативната работа, мислам дека е многу поважно од тоа што некогаш се претставува.  Мислам дека е многу поинтересно од луѓето што мислат дека е, јас се надевам дека преку нашиот простор, тој момент ќе има повеќе пристап“, вели таа.

 

Тие најавуваат дека на утрешниот отворен ден ќе покажат по малку од сите работи кои се замислени за во просторот,  целејќи почетокот да претставува искуство за посетителите преку театар, музика, храна, ликовна уметност и отворен простор за креативци кои би сакале да се претстават со свој перформанс или поетско читање.

Инаку, за утре се најавени музички настапи и диџеј сетови, разговори со млади културни работници, изложби и герила театарски изведби.

Ивана Смилевска